Орце Ѓорѓиевски, ненадлежниот

Додека власта и опозицијата ги острат мечевите и ги креваат високите тонови за миграцијата, додека на власта главната опсесија ѝ е единствено СДСМ и нивното раководство, тука забрзано се умира од загаденост. Наместо главната загриженост и преземање на итни мерки да биде отровот кој сите го дишеме, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, весело и одушевено им соопштува на Зелен Хуман Град дека нема надлежности за забрана на огномети и слични изживувања со загадувањето, ставете една огромна точка и не го малтретирајте победникот.

Немојте да барате ниту ургентни седници во  Собранието, ниту паника во Владата за победничките, смртносни топ-листи во светски рамки, каде Скопје сѐ прави за да ги елиминира останатите ривали. Делхи-Индија, Лахор-Пакистан, Вухан-Кина, Дака-Бангладеш, Бишек-Киргистан. Не, во оваа држава никој нема надлежност за ништо, особено кога смртта нѐ коси заради кревањето раменици, незаинтересираноста, слабиот, непостоечки интелектуелен и човечки капацитет на сите оние кои замислуваат дека се избрани и платени да нѐ закопуваат со плех-музика и пригоден говор за немањето надлежност, боже мој, смртта и онака ќе нѐ земе сите.

А граѓаните како типични граѓани на оваа земја. На смртна постела со кркорење крикаат и крекаат “Никогаш Северна”, се замотуваат со знамето од Вергина и со олеснување ѝ соопштуваат на ужалената фамилија-“Закопајте ме, спремен сум да погинам за името, знамето, Хунзите и Александар, целадаје”. За тоа време, властите обилно се залеваат со Прокулин капки за јавноста да ги види солзите на ненадлежните додека пејат Оченаш, земи го несвесниов и забеганиов, само остај ни ги парите дадени под маса од разни извори и поточиња кои до фабриките нѐ убиваат, да го гушнеме буџетот и да ги поделиме парите наменети за загадувањето, смртта никогаш нема да нѐ посети, нас, надлуѓето, титаните, великаните.

Ужасот има име, се вика молк и се потпишува како анестезирани граѓани, длабоко пикнати во глувчешки дупки, без свест и совест за сопствениот живот, ако ништо друго, ако не е за нешто повеќе и подобро.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close