Политички дозиран говор на Претседателката
Соња Крамарска
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржа 55-минутен говор во парламентот, што спаѓа во категоријата подолг говор. Нејзиниот настап е како што рече по четврти пат пред пратениците, но должината покажа дека имала што да каже.

Првиот впечаток е дека Претседателката повторно не одолеа да одржи историски час по меѓународно право, веројатно наменет за амбасадорите кои седеа во собраниската галерија, на професорски начин опиша што значи претседателската функција, го повтори пропагандниот опис дека извештајот на ЕУ зборува за оние што го напишале.
Заеднички именител на целиот говор е дека таа ја „уби“ и последната надеж дека ќе продолжат преговорите за влегување на земјава во европското семејство. Претседателката покажа синхронизираност со ВМРО-ДПМНЕ околу бараните уставни измени за евроинтеграциите, односно го повтори големото „не“.
Добро е што Сиљановска-Давкова не ги одбегна евроинтеграциите, но аргументите што ги изнесе се спротивни на интересите на Македонија. Театралното навраќање на Преспанскиот договор и референдумот, со оценката дека „не успеа референдумот, ама 80 пратеници заборавија дека согласно законот мораше да ги усогласат сите активности на Собранието со референдумскиот резултат, и ги изгласаа уставните амандмани“, покажа дека Претседателката несвесно или можеби намерно го проблематизира членството на Македонија во НАТО за кое Преспанскиот договор беше влезницата.
„Го бранев нашето суверено право, да се послужам со зборовите на господинот Макрон во поглед на Украина, за европско членство“, рече Претседателката.
Таа нејзина игра на зборови со очигледна алузија на брзата лента на која е ставена Украина, недвосмислено води кон заклучок дека Северна Македонија и Украина се исти, што е прилично несериозен аргумент имајќи предвид дека над Украина веќе четири години се изведуваат воени дејствија кои ја разорија земјата и нејзината инфраструктура.
Министри „конзули“
Навраќајќи се на преговарачката рамка, пак, Претседателката праша: „Може ли со записник потпишан од двајца министри за надворешни работи, небаре конзули, да се амандманира меѓународен договор?“. Со тоа таа покажа непочитување и омаловажување на најважната функција во извршната власт која игра улога и на претставник на државата во односите со други држави. Фактот што Сиљановска-Давкова притоа мислеше на министер за надворешни работи од претходната влада не го минимизира значењето на таквата игра на зборови, туку, напротив, потенцира намера за тенденциозност кон политички противник.
Претседателката инаку смета дека недостигот на консензус е виновен за отстапките што ѝ ги бараат на нашата земја. Но притоа заборави дека на разногласието, како што го нарече во својот говор, второто име му е демократија, која е централен столб на политичкиот систем кон кој земјата се приклони пред три и пол децении.
Според неа, „разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава“. Меѓутоа, Претседателката ги испушти клучните фактори за застојот како што се корупцијата, отсуството на визионерско водство и деценискиот грабеж што се случуваше под чадорот на звучни политички имиња.
Инаку, добро е кога сме кај зборот „консензус”, да се нагласи дека националниот консензус што го побара Претседателката како одговор на геополитичките поместувања во светот и заканите за безбедноста, не значи ништо ако тој не е во продуктивен правец, туку служи за политичка прехрана на носителите на власт.
Македонија во украинскиот воз
И во излезните решенија што ги предложи, шефицата на државата повторно направи неумесна споредба меѓу евроинтегративниот пат на Северна Македонија и на Украина. „Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“. Со овие зборови Претседателката влеа неоснована надеж кај јавноста дека Македонија може да се качи на украинскиот воз кон ЕУ. Таква опција во моментот не се ни спомнува и Скопје пука со ќор-фишеци.
Според Претседателката, исполнувањето на дел од преговарачката рамка што се однесува на бугарските барања носи со себе опасност. „Ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето. Со костур од риба, соголен идентитет и суверенитет“, рече Сиљановска-Давкова.
Оваа креативна метафора бездруго бара носителката на највисоката функција да се произнесеше и за ризикот доколку продолжи сивилото, сиромаштијата, егзодусот на населението и јагмата за бугарски пасоши во Македонија. Каква ќе биде иднината на земјата без преговори со ЕУ и без надеж дека ќе влезе во клубот на богатите и ќе добие пристап до европските фондови? Тоа е, се чини поважното прашање.
Сѐ на сѐ, „коректно“ структурираното обраќање на шефицата на државата не донесе нов импулс за македонската политика, туку го зацврсти уверувањето дека државниот врв останува на истиот непродуктивен курс како и досега.
Претседателката ги одбегна сите теми кои можат да ѝ донесат конфликт со владејачката партија. Таа, на пример, укажа на потребата од независно правосудство и ставање на крај на партиските влијанија, но со ниту еден збор не се осврна на политичката егзекуција на главниот државен обвинител и поставувањето на обвинител со изразени партиски врски со ВМРО-ДПМНЕ. Зборуваше за сејф сити што е неважна тема за еден шеф на држава, но кога го истакна уставното право на здрава животна средина избегна да го спомне загадениот воздух во Скопје, па така нејзината елаборација за правото на здрава животна средина остави впечаток на уште едно политичко дозирање со цел да избегне критика кон власта (dw)






