Македонски автобус излетал од автопат во близина на Белград
Автобус со македонски регистарски таблички синоќа целосно излетал од автопатот кај местото Добановци, во правец од градот, јавуваат српските медиуми. Според објавите, засега нема официјални информации за состојбата на патниците и возачот на автобусот.

„Автобус со македонски ознаки целосно излетал од автопатот кај Добановци, од правец на градот. Состојбата на патниците не е позната. Возач на друг автобус застанал за да помогне“, се наведува во информацијата што ја пренесуваат медиумите.
Несреќата се случува во услови на отежнат сообраќај низ Србија, каде што од вчера речиси целата земја е зафатена од снежни врнежи. Јавното претпријатие „Патишта на Србија“, врз основа на извештајот на Штабот за зимска служба, соопшти дека на голем број делници од најфреквентните патни правци, од прв, втор и трет приоритет за одржување, има снег со дебелина до пет сантиметри, а коловозите се влажни и лизгави.
Надлежните служби апелираат на зголемена внимателност при возење, особено на автопатиштата и делниците каде што снежната покривка и ниските температури создаваат ризични услови за сообраќај.






