Пансионот „Ав ав хепи догс“ ќе си продолжи да работи, АХВ не провери присуство зараза туку даде препораки за чистење и тестирање

Агенцијата за храна и ветеринарство по вонреден инспекциски надзор во пансионот за кучиња „Ав, ав хепи догс“ донела решение само препорачала на сопствениците итно да си ги преземат своите миленици и да ги тестираат за евентуално присуство на заразна болест. Тие наредиле механичко чистење и темелна дезинфекција на целиот објект, кој ќе остане времено затворен само во период од 21 ден, колку што изнесува инкубацискиот период за сомнителната болест. Оттаму велат дека законот не им дозволува, а ниту наложува тие да проверат присуство на парво болест, од која угинало куче кое претходно било оставено на чување во овој пансион.
Од Агенција за храна и ветеринарство информираат дека досега ниту еден сопственик на домашен миленик не пријавил појава на болест кај своето куче по преземањето од пансионот, иако имаше јавни сведоштва од сопственици на кучиња.
Надзорот, како што појаснуваат, бил спроведен исклучиво од аспект на здравствената заштита на животните и спречување евентуално ширење на заразни болести, а не во насока на утврдување одговорност за конкретниот смртен исход.
„Со постоечките закони за здравствена заштита и за благосостојба на животните правно не е регулирана работата на пансиони и хотели за домашни миленици односно АХВ не ги регистрира/одобрува и не издава дозволи за нивно работење“, велат од АХВ на прашањето дали утврдиле од што угинало кучето кое претходно било сместено во пансионот.
Од пансионот уште на 31 декември самите се пофалија дека инспекцискиот надзор не се однесувал за присуство на болеста, туку администрациска проверка.Случајот стана јавен по сведоштвото на Ана Пејковска, која објави дека нејзиното куче Мајло починало по престој во пансионот, тврдејќи дека било заразено со парвовироза и вратено во тешка здравствена состојба. По нејзините објави следуваа и други сведоштва од сопственици и поранешна практикантка, кои изнесоа сериозни наводи за условите и односот кон животните во објектот, додека пансионот во реакција негираше присуство на парвовирус и најави правни чекори против, како што велат, лажно информирање.
Од АХВ апелираат до сопствениците на кучиња да бидат одговорни, редовно да ги вакцинираат своите миленици, да ги тестираат доколку има сомнеж за заразна болест и да ги следат исклучиво официјалните информации од надлежните институции, додавајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по завршување на целосната постапка.
Извор: skopje1.mk






