„ВОЗАЧОТ НЕ ГО УДРИЛ, САМ СЕ ПОВРЕДИЛ“: ЈСП со демант за инцидентот во Бањани – сведоци тврдат дека немало ќотек

Случајот ја бранува јавноста откако во полицискиот билтен беше нотирано дека возачот му нанел тешки телесни повреди на патникот. Сепак, ЈСП по извршените внатрешни проверки, тврди дека вистината е поинаква.

ЈСП: Имаме сведоци, расправијата беше само вербална

Од ЈСП Скопје велат дека разговарале со возачот и со очевидци на настанот.

„По исказите кои службите на ЈСП Скопје ги добија од возачот и двајцата сведоци присутни на настанот, не станува збор за физичка пресметка туку вербална, по што при симнување од автобусот, патникот се здобил со повреди, но не од страна на возачот“, се вели во демантот на претпријатието.

Што вели полициската пријава?

Наспроти тврдењето на ЈСП, во СВР Скопје вчера (09.01.2026) околу 08:30 часот беше пријавено насилство. Според пријавата, М.В. (79) од Бањани бил физички нападнат од Г.Г., возач на автобус со број 61. Според првичните информации во медиумите, старецот се здобил со тешки телесни повреди по расправијата која настанала откако се симнал од автобусот.

ЈСП ќе соработува со истрагата

Од претпријатието апелираат да не се шпекулира додека не заврши истрагата, но најавуваат строги санкции доколку се докаже спротивното.

„ЈСП Скопје се оградува од какво било непрофесионално или насилно однесување и доколку се утврди одговорност на вработен, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно закон“, велат од таму.

Надлежните институции работат на утврдување на точните факти – дали повредите на 79-годишниот скопјанец се од пад или од удар.

Извор: 4news.mk

Back to top button
Close