Муцунски за инцидентот пред Бугарската амбасада: Се работи за изолиран случај, нашите институции максимално брзо ги преземаат сите потребни дејствија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска го осуди инцидентот во кој од страна на еден сторител е искршена влезната врата на Бугарската амбасада во Скопје. Според првичните информации, се работи за изолиран случај во кој е причинета материјална штета во не голелм обем, вели Муцунски.

– Независно од тоа, максимално го осудуваме инцидентот. МВР дава голем фокус на процесот на истрагата и за подетални одговори со истрагата, бидејќи не сакам да и наштетам, би Ве упатил да побарате одговор од МВР. Но, она што би сакал да го кажам е дека институционално има брз и ефикасен одговор од наша страна, изјави денеска Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Муцунски рече дека за жал не може да се контролира секој кривично-правен настан што се случува на територија на државата, но дека најважно е дека веќе тој инцидент е осуден од наша страна и се рабтои на целосно расветлување на случајот.
– Наша одговорност како држава е прво да дадеме објективен одговор, да го осудиме настанот, а потоа и нашите институции максимално брзо да ги преземат сите потребни дејствија и мислам дека од наша страна е максимално коректно одговорено до овој момент. Се надевам дека брзо ќе заврши истрагата од страна на МВР, рече Муцунски.
Министерството за внатрешни работи вчера инфомираше за случајот посочувајќи дека е скршено стакло на влезната врата на Бугарската амбасада.






