Само 17 отсто од Американците ги поддржуваат напорите на Трамп да го добие Гренланд

Само 17 отсто од Американците ги одобруваат напорите на претседателот Доналд Трамп да го анектира Гренланд, а значително мнозинство демократи и републиканци се против употребата на воена сила за анексија на островот, покажа анкета на „Ројтерс/Ипсос“.

Дводневната анкета покажа широка загриженост за заканите на Трамп кон сојузникот на НАТО, Данска, во врска со Гренланд, остров што со векови е данска територија.

Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио, денеска во Белата куќа ќе се сретнат со шефовите на дипломатиите на Данска и на Гренланд еден ден по изјавата на премиерот на Гренланд дека неговата земја ќе остане дел од Данска.

Трамп рече дека Гренланд е клучен за безбедноста на САД и дека Вашингтон мора да го поседува за да спречи Русија или Кина во иднина да ја окупираат стратешки лоцираната територија богата со минерали.

Службениците на Белата куќа разговараа за разни планови за ставање на Гренланд под американска контрола, вклучително и преку воена сила или со исплата на паушални суми на жителите на Гренланд како дел од обидот да ги убедат да се отцепат од Данска.

Вкупно 47 проценти од испитаниците во анкетата на „Ројтерс/Ипсос“ не ги одобруваат напорите на САД да го добијат Гренланд, а 35 проценти рекле дека тоа не е сигурно.

Само четири отсто од Американците – вклучувајќи само еден од десет републиканци и речиси ниеден демократ – изјавиле дека би било „добра идеја“ САД да употребат воена сила за да го земат Гренланд од Данска.

Дури 71 отсто од анкетираните мислат дека тоа би било лоша идеја, вклучувајќи 90 проценти од демократите и 60 проценти од републиканците. Еден од тројца републиканци не се сигурни дали тоа е добра или лоша идеја.

Данска предупреди дека употребата на воена сила би значела крај на НАТО, трансатлантскиот одбранбен пакт, кој е клучен столб на светскиот поредок од 1949 година.

Речиси 66 отсто од испитаниците, вклучувајќи 91 отсто од демократите и 40 отсто од републиканците, рекле дека се загрижени оти напорите на САД да го добијат Гренланд ќе им наштетат на алијансата и на односите на САД со европските сојузници.

Новата анкета на „Ројтерс/Ипсос“, спроведена онлајн и на национално ниво, опфати 1.217 возрасни Американци, со маргина на грешка од три процентни поени.

 

Back to top button
Close