Дипломатска офанзива на Данска во Вашингтон: Расмусен на разговори со Рубио и Венс за Гренланд

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, денеска е во посета на Белата куќа во обид да ги смири тензиите околу Гренланд, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со преземање контрола врз овој стратешки важен арктички остров.

Откако се врати на должноста пред една година, Трамп во неколку наврати го разгледуваше преземањето на Гренланд од својот долгогодишен сојузник Данска. Неговите намери станаа уште поочигледни по американската воена операција во Венецуела на почетокот на јануари.

Расмусен побара разговори со државниот секретар Марко Рубио, а на средбата во Белата куќа ќе се приклучи и потпретседателот Џеј Ди Венс.

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, ќе се придружи на разговорите. Нејзината влада, како и Данска, остро се противи на плановите на Трамп.

Трамп вчера, запрашан за ставот на лидерите на Гренланд кои сакаат да останат автономија под Данска, кратко одговори: „Тоа е нивен проблем, кој ќе стане голем проблем за нив“. Тој претходно изјави дека го сака Гренланд „сакале тие или не“, додавајќи дека „ако не го направиме тоа на лесен начин, ќе го направиме на тешкиот“. Според него, САД имаат потреба од островот поради наводните закани дека Русија или Кина би можеле да го преземат.

Од друга страна, премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, беше дециден: „Гренланд не сака да биде во сопственост, под управа или дел од САД“. Данската премиерка Мете Фредериксен го поддржа овој став, нарекувајќи го притисокот од Вашингтон „целосно неприфатлив“. Данска ги отфрли американските тврдења дека не го штити островот, потсетувајќи на инвестициите од 12,4 милијарди евра за зајакнување на военото присуство на Арктикот.

Додека траат разговорите во Белата куќа, делегација на американскиот Конгрес, предводена од демократите, планира посета на Копенхаген за да изрази солидарност со Данска, оценувајќи ги заканите на Трамп како непотребни и штетни за НАТО алијансата.

Back to top button
Close