Вучиќ ги пробувал звучните топови на кучиња
Српски документи потврдуваат дека администрацијата на претседателот Александар Вучиќ спровела експерименти со моќни звучни уреди, колоквијално наречени „звучни топови“, околу две недели откако антивладиниот протест во Белград беше прекинат од, како што тврдат демонстрантите, разорен звучен удар, пишува „Политико“.

Уредите за далекусежна акустика (LRAD) формално се промовираат како средства за комуникација на големи растојанија, но при употреба од близина можат да предизвикаат оштетување на слухот. Забележано е и дека предизвикуваат главоболки, вртоглавица и мачнина.
На 15 март 2025 година, за време на еден од најголемите протести во Србија, ненадеен и силен звук се прошири по главниот белградски булевар, принудувајќи ги луѓето да се наведнат или панично да бегаат. Дел од демонстрантите кои побарале лекарска помош во белградските итни служби пријавиле мачнина, повраќање, главоболки и вртоглавица. Тие изјавиле дека звукот наликувал на „група моторџии“ или на „локомотива што се движи директно кон нив“.
Владата негираше дека користела звучни топови против демонстрантите, но најави детална истрага. Според документи до кои дошол „Политико“, во рамките на истрагата по протестите биле спроведени тестови врз животни, подготвени од Безбедносно-информативната агенција (БИА) и едно владино министерство. Целта била да се утврди дали симптомите што ги опишале демонстрантите одговараат на ефектите од звучни топови, за кои српските власти претходно признале дека се во посед на полицијата.
Околу две недели по протестите, српски и руски разузнавачки експерти собрале група кучиња на тест-полигонот на БИА за да го проценат „влијанието на емисионите уреди врз биолошки објекти“. Кучињата биле избрани како тест-субјекти поради нивната „висока чувствителност на акустични ефекти“.
Животните биле изложени на две варијанти на LRAD-уреди – LRAD 100X MAG-HS и LRAD 450XL – произведени од калифорниската компанија „Џенесис“, на растојанија од 200, 150, 100, 50 и 25 метри, се наведува во документите. Техничките спецификации покажуваат дека овие модели можат да емитуваат звук со јачина до 150 децибели, што е еквивалентно на звукот од млазен мотор при полетување.
Документите, исто така, укажуваат дека тестирањата можеби биле спроведени без потребните дозволи за експерименти врз животни.
…






