Фредериксен: Факт е дека Данска и САД имаат фундаментални разлики за иднината на Гренланд
Данската премиерка Мете Фредериксен потврди дека Данска и САД имаат фундаментални разлики за иднината на Гренланд во услови на искажаните намери на американскиот претседател Доналд Трамп да го поседува островот, објавија гранцските медиуми.

Вашингтон и Копенхаген се согласија да формираат работна група, но „тоа не го менува фактот дека имаме фундаментални разлики бидејќи решеноста на САД да ја преземат контролата врз Гренланд останува непроменета“, рече таа во писмена изјава за АФП.
„Секако, ова е сериозна ситуација поради што продолжуваме со нашите напори да спречиме да се случи ова сценарио“, додаде таа.
Шефот на данската дипломатија, Ларс Леке Расмусен, вчера, по средбата со американските претставници во Белата куќа, исто така објави фундаментална разлика и ја критикува желбата на Трамп да го преземе Гренланд.
„Ова не беше лесна средба и би сакала да им се заблагодарам на двајцата министри (данскиот и гренландскиот) за јасно изразување на ставот на Кралството и одговарање на американските тврдења“, рече данската премиерка
Копенхаген исто така испрати воени сили на автономната данска територија и доби поддршка од неколку европски земји за распоредување воена мисија.
„Во рамките на НАТО постои консензус дека посилното присуство на Арктикот е од суштинско значење за европската и за северноамериканската безбедност“, додаде Фредериксен.
„Данска значително инвестира во нови арктички капацитети. И би сакала да го поздравам фактот дека голем број сојузници во моментот придонесуваат за заеднички вежби во и околу Гренланд“, додаде таа.






