ЦЛС/Србија: Комуналните фирми во Белград должат 170 милиони евра што е историски максимум
Српскиот Центар за локална самоуправа (ЦЛС) денеска објави дека долговите на јавните комунални претпријатија во Белград кон добавувачите изнесувале 18 милијарди динари на крајот на ноември, а повеќе од 20 милијарди на крајот на декември.

Според анализата на ЦЛС, тоа е историскиот максимум на задолженост кон добавувачите во Белград и клучната причина зошто реагираше и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Директорот на ЦЛС, Никола Јовановиќ, нагласи дека комуналниот сектор должи повеќе од 170 милиони евра, што е резултат на долгогодишно неодговорно работење.
– Не би ме изненадило ако Меѓународниот монетарен фонд и Владата на Србија заклучат дека единствениот излез од таа ситуација е принудна управа, иако дури ни тоа не би решило ништо без промена на системот, изјави Јовановиќ.
На барање на ММФ, Владата на Србија прифатила финансиското работење на градот Белград и неговите компании да биде „ставено под надзор“ и да се спроведе надворешна ревизија.
Буџетот на Белград, заедно со буџетите на градските општини, изнесува 205 милијарди динари (1,75 милијарди евра), речиси девет отсто од буџетот на Србија.
ММФ инсистира надворешни консултанти да направат анализа на финансиите на градот со буџетски проекции за следните три години, што треба да покаже дали тие се одржливи на среден рок.






