Медиуми: Американски носач на авиони тргнува кон Иран
Aмериканскиот претседател Трамп неколкупати му се закани на Иран со воена интервенција. Сега, според медиумски извештаи, САД распоредуваат носач на авиони во регионот.

По заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран, САД, според медиумски извештаи, го засилуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и придружни бродови се на пат од Јужнокинеското Море кон регионот, објавија „Њујорк Тајмс“ и порталот Аксиос.
Според информациите, „УСС Абрахам Линколн“ треба да пристигне на Блискиот Исток за околу една недела. Носачот обично превезува неколку илјади војници и десетици борбени авиони и е придружуван од морнарички уништувачи.
Дополнително, ќе бидат испратени и оружје и одбранбена опрема, известува „Њујорк Тајмс“. Можно е да следуваат и други борбени авиони. За ова сè уште нема официјална потврда од Пентагон.
Трамп најави помош
Од почетокот на масовните протести во Иран, Трамп неколкупати се закани со интервенција на САД и им вети „помош“ на демонстрантите.
Безбедносниот апарат на Иран брутално ги задуши протестите што траат од декември. Активисти за човекови права зборуваат за повеќе илјади загинати и над 10.000 уапсени.
Покрај можната воена интервенција, САД веќе воведоа дополнителни санкции против ирански политичари и компании, меѓу кои и банки преку кои, наводно, се слевале приходи од трговијата со нафта.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, на седница на Советот за безбедност во Њујорк повторно упати остри предупредувања од натамошна ескалација во Иран. Тој нагласи дека Трамп е „човек на дела, а не на бесконечни зборови какви што слушаме во ОН“. Американскиот претседател „јасно стави до знаење дека сите опции се на маса за да се прекине масакрот“, рече Волц.
Седницата на Советот за безбедност беше свикана на барање на САД.
Обединетите нации го повикаа Иран да ги запре сите планирани егзекуции на демонстранти и да ги истражи сите смртни случаи на независен и транспарентен начин. Генералниот секретар Антонио Гутереш, како што се вели, ги повика сите страни на максимална воздржаност.






