Ел Ануни: Промена на режимот во Иран не е дел од политиката на ЕУ

Европската Унија стои зад оние што се залагаат за подобар живот, слобода и достоинство, но промена на режимот во Иран не е дел од нејзината политика, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Ануар ел Ануни.

– Она што го гледаме на теренот е легитимно вистинско протестно движење на народот на Иран, со легитимни аспирации за подобар живот, слобода и достоинство. Ние стоиме зад нив затоа што ЕУ се залага за овие вредности – рече Ел Ануни.

Тој додаде дека ЕУ многу внимателно ги следи случувањата во Иран вклучувајќи ги и разните извештаи во врска со можните претстојни егзекуции на мирни демонстранти.

– Длабоко сме загрижени поради континуираниот пораст на егзекуциите во Иран, вклучително и како средство за сузбивање на протестите и ја повикуваме иранската влада да ги запре егзекуциите и да води конзистентна политика кон укинување на смртната казна. Ја осудуваме употребата на насилство, произволното притворање и тактиките на заплашување од страна на безбедносните сили против мирните демонстранти и ги повикуваме властите да ги ослободат сите оние што се неправедно притворени само затоа што си ги бараат своите легитимни права – додаде Ел Ануни.

Портпаролот на ЕК информира и дека по ерупцијата на насилството во Иран, иранскиот амбасадор при ЕУ бил повикан на разговор во Европската служба за надворешни работи, при што му биле пренесени осуда на насилството врз мирните демонстранти, како и апел за почитување на основните слободи, вклучително и слободата на изразување и пристапот до информации и до интернет.

Back to top button
Close