Мицотакис на средбата со земјоделците: Очекувам суштинска дискусија за да се стави крај на периодот на голема тензија

Надеж дека ќе имаат продуктивна, отворена, суштинска и искрена дискусија, со цел да се стави крај, на како што рече, периодот на голема тензија, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со земјоделците кои протестираат веќе 52 дена, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис денеска ја прими делегацијата од 25 претставници и шестмина набљудувачи одредени од земјоделците од 62 блока од цела Грција, а на почетокот на средбата посочи дека според Владата „оваа средба требаше да се одржи порано“.

– Немам очекување да се согласиме за сè, но верувам дека ќе имаме суштинска дискусија за да се стави, би рекол, крај на еден период на голема тензија, што, мислам, на крајот не им послужи ниту на вашите оправдани, но и бројни барања, ниту на општеството, кое во оваа фаза, мислам дека бара да одиме напред, справувајќи се со барања што се оправдани, но истовремено јасно беше кажано од наша страна што од она што го барате може да се реализира и што не може, рече Мицотакис.

Објасни дека веќе се преземени иницијативи за прашањата што континуирано ги покренуваат земјоделците.

Како пример ги спомена интервенциите во цената на електричната енергија за земјоделците и можноста за враќање на специјалниот данок на потрошувачка за горивото, кое, како што рече, се во можност да го исполнат и за кое ќе разговараат детално.

Земјоделците според најавите, на средбата ќе покренат 14 барања меѓу кои договорот Меркосур, поевтина електрична енергија и гориво за сите земјоделци, обесштетувањата за сите болести кај животните, но и за природните опасности, како и за надоместувањето на изгубениот приход.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, со блокади на автопатишта, патишта, гранични премини, а тракторите и понатаму се на улица, паркирани во една коловозна лента.

Грчкиот премиер во вторникот се сретна со претставници на околу 18 земјоделски блокови од целата земја, односно со оние кои уште од минатиот месец се одвоија од останатите земјоделци и побараа дијалог со владата.

Back to top button
Close