Ламерт: Со ЕЕС системот не се воведени измени во правилата за престој во Шенген зоната

Системот за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ не воведува никакви нови барања во врска со краткиот престој во Шенген зоната, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт во врска со тврдењата на здруженијата на превозниците од Западниот Балкан дека ЕЕС „во основа ги остава нивните работници и возачи без работа“, поради што се најавени блокади на граничните премини меѓу балканските земји и Шенген зоната за 26 јануари.

– Она што го прави ЕЕС е да обезбеди подобро спроведување на постојните правила и систематско откривање на неправилности, рече Ламерт, нагласувајќи дека ЕК внимателно го следи прашањето околу најавите на превозниците и е во контакт со партнерите од Западниот Балкан.

Ламерт потенцира дека со ЕЕС не се воведени никакви измени во однос постојните правила за престој во Шенген зоната.

– Според правилата, државјани на трети земји без виза имаат право да останат во Шенген зоната вкупно 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде покриено со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка, рече Ламерт.

Тој додаде дека Шенген правилата веќе им даваат флексибилност превозниците, особено на оние што често ја преминуваат границата на ист премин.

– Лицата кои имаат локална дозвола, не се обврзани при влез да се регистрираат во ЕЕС системот. Дали тоа се прават при случајни гранични проверки или не, зависи од земјите членки на надворешните граници, а не од Комисијата. Правилата за престој во Шенген зоната се јасни, тие не се променети и имаат одредена вградена флексибилност, додаде Ламерт.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close