Трамп на социјалните мрежи ги обои Канада и Гренланд во американски бои

Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри реториката за територијално проширување споделувајќи манипулирани фотографии на социјалните мрежи, кои сугерираат проширување на американската контрола врз Канада и обновувајќи ги повиците САД да го преземат Гренланд.

На една од фотографиите Трамп е прикажан во Овалната соба со европски лидери покрај табла со мапа на западната хемисфера, на која САД, Венецуела, Гренланд и Канада се прикажани во црвено-бело-сини бои.

Трамп во повеќе наврати ја изнесе идејата Канада да биде ставена под американска контрола, па дури и да стане 51. сојузна држава, што предизвика бурни реакции во Отава.

Оригиналната фотографија е од август кога Трамп се сретна со европски лидери за разговори за војната во Украина, меѓу кои беа Урсула фон дер Лајен, Кир Стармер и Џорџа Мелони.

На друга фотографија, споделена денеска, Трамп е прикажан како поставува американско знаме на Гренланд, заедно со потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. На натписот стои: „Гренланд – територија на САД.

Во серијата објави на „Трут соушал“, Трамп повтори дека преземањето на Гренланд е императив за глобалната безбедност.

„Нема враќање назад – за тоа сите се согласуваат“, напиша тој.

Трамп ја нарекува својата визија за зголемена контрола врз западната хемисфера „Доктрина Донро“, комбинација од неговото име и името на поранешниот американски претседател Џејмс Монро.

Тој тврди дека САД сега ја контролираат Венецуела по воените удари во Каракас на 3 јануари и приведувањето на претседателот Николас Мадуро додавајќи дека Вашингтон ќе ја контролира продажбата на венецуелската нафта на неопределено време.

Back to top button
Close