Пет кандидати за државен јавен обвинител – во трката се вклучи и Ленче Ристовска


Во трка за државен јавен обвинител  е поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Пријави поднеле и обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата во Кривичниот суд Ненад Савевски, како и актуелната в.д. републичка јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска.

За прв обвинител во државата, денеска објави дека се кандидира и обвинителката Ленче Ристоска, која ги застапува предметите „Талир“ во кои ја гони владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа се пријави и за судија од Македонија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, но власта го поништи изборот во кој Ристоска беше меѓу тројцата финални кандидати. Во последните недели особено, Ристоска беше мета на силен притисок од власта и линч во провладините медиуми. Таа најави и тужба против премиерот Христијан Мицкоски, кој јавно ја алудираше на неа со деградирачки епитети, иако не ја спомена по име.

Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември поднесе оставка, непосредно пред мнозинството во Собранието да го разреши на предлог на Владата.

Рокот за пријавување за нов прв обвинител во државата трае до вечерва на полноќ, до кога во Собранието може да пристигне уште некој кандидатура.

Back to top button
Close