(ВИДЕО) Ѓулистана Марковска: Вонреден конгрес е добар за демократијата во ВМРО ДПМНЕ

Иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО ДПМНЕ е тешка, но возможна мисија. Поранешната пратеничка од редовите на оваа партија, Ѓулистана Марковска, за Алсат вели дека важно е да се одржи вонредниот конгрес во ВМРО ДПМНЕ и за партијата и за демократијата во државата. Според Марковска, епилогот од овој конгрес е неизвесен бидејќи делегатите му се лојални на Мицкоски и избрани со негова согласност. Сепак, напоменува дека Мицкоски мора да го помине тестот на Конгресот каде ќе биде или потврден за лидер или демократски, а не по насилен пат сменет.

„ И за него, а и за членството, а особено за ВМРО ДПМНЕ и за демократските процеси во Македонија ќе биде исклучително корисно да се одржи конгрес. Доколку тој го потврди својот мандат на конгресот ќе му биде со среќа и тогаш ќе биде неприкосновен претседател којшто го поминал и редовниот и вонредниот конгрес, без оглед на тоа дали се работи за добиени или изгубени избори“, изјави Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка од ВМРО ДПМНЕ.

Цела една недела иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО ДПМНЕ бара оставка од лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тие велат дека секојдневно им расте поддршката, а членовите на Централниот и Извршниот комитет се со истечен мандат.

„На добар пат сме многу наскоро да се собере неопходниот број на делегати за да се свика конгресот. Со секој изминат ден, станува јасно дека актуелниот претседател нема да може да избега од одговорност и вонреден конгрес ќе има. Членството и јавноста гледаат дека од другата страна нема ниту еден аргумент во одбрана на политиките кои ги застапува господинот Мицкоски“, велат од Иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО ДПМНЕ.

По поразот на изборите одржани на 15 јули, ВМРО ДПМНЕ го смени статутот на партијата. По ново, половина од членовите на Централниот комитет на партијата можат да побараат вонреден конгрес, ама одлуката сепак ќе мора да го одобрат две третини од членовите на централниот комитет. Според статутот на ВМРО ДПМНЕ, на вонреден конгрес се гласа за доверба на претседателот на партијата, предвреме да му престане мандатот, како и за промена на целите на партијата. Мицкоски е на чело на ВМРО ДПМНЕ трета година. Неговиот мандат трае до крајот на наредната година, но може да биде реизбран за лидер на партијата уште двапати по ред.

Back to top button
Close