Мицкоски: Прво да се произнесе Совет на јавни обвинители, па Владата ќе каже став за кандидатурите за републички јавен обвинител

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ќе го каже својот став во однос на изборот на нов републички јавен обвинител откога за тоа ќе се произнесе Советот на јавните обвинители.

– Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавните обвинители, да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по увидот на инфраструктурните проекти во општина Гази Баба.

Петмина кандидати се пријавени на огласот на Собранието за јавен обвинител на Република Северна Македонија, кој истече ноќеска на полноќ, но за да се затвори листата, се остава простор од 2-3 дена за евентуални пријави што навреме се пратени по пошта, а сè уште не се пристигнати.

На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“.

Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Back to top button
Close