Надојдената Тркањска Река однесе 120 јагниња и 100 овци од штала во Струмичко, пријавени се и штети на земјоделски површини и дворови
Поради обилните врнежи од дожд во Струмичко, водата од Тркањска Река надојде и вчера попладне однесе 120 јагниња и 100 овци од шталата на Никола Колев во струмичкото село Костурино. Надојдената вода од реката влечела сè пред себе, а сè се случило за помалку од 10 минути.

„Од брзата и надојдена вода, која достигна над два метри, не успеавме да ја отвориме шталата и да ги извадиме јагнињата и овците. Штетата е голема. Во еден момент постоеше опасност и нас да не повлече водата, мене и брат ми Никола, но успеавме да се спасиме“вели Зоран Колев, брат на сопственикот на шталата.
Штетата е пријавена во Општина Струмица, но и кај други надлежни служби кои треба да излезат на терен и да ја утврдат висината на штетата.
Дождовите во Струмичко предизвикаа и поплавување на земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево. Градоначалникот Петар Јанков вчера информира дека ги посетил критичните точки во селото Муртино и околината, додавајќи дека екипи на Јавното претпријатие „Комуналец“ со механизација се на терен.
„Дејството на циклонот кој го зафати нашиот југоисточен регион придонесе за големи врнежи од дожд, надоаѓање на водата, излевање од коритата и поплави. Нашата механизација и екипите остануваат на теренот на сите места каде што се проценува дека е критично. Дождот паѓа и во наредните денови, а ние будно ќе ја следиме состојбата“,изјави Јанков.
Според утринските мерења на УХМР, досега во Струмица наврнале околу 20 литри дожд на еден квадратен метар.






