Изречени казни од над 53 милиони денари за повреди на конкуренцијата и нефер трговија во 2025 година
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) објави дека во текот на изминатата година изрекла парични казни во вкупна вредност од 53 044 555 денари. Казните се изречени поради непочитување на одредби од Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики.

Од Комисијата нагласуваат дека со изречените санкции се испраќа порака дека непочитувањето на законите нема да се толерира.
Казнените мерки биле насочени кон картелски здружувања и забранети договори, злоупотреба на доминантна позиција на пазарот, непријавени и нефер трговски практики.
„Со изречените санкции се испраќа недвосмислена порака дека прекршувањата нема да бидат толерирани. Казните имаат изразена превентивна улога и се ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“,велат од КЗК.
Комисијата најави уште поинтензивен надзор и доследна примена на законските овластувања. Целта е, како што велат, обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Од КЗК лани во ноември изрекоа прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 13 443 000 денари против четири трговски друштва од пазарот на малопродажба на прехранбени производи и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Секое од трговските друштва е казнето со по 3 075 000 денари, додека висината на казната што се однесува за ССК, кои биле координатори, е 1 143 000 денари.






