Назарјан одби да формира техничка влада на Бугарија, Јотова продолжува со консултациите

Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Раја Назарјан од ГЕРБ, одби да ја прифати поканата на претседателката Илијана Јотова да стане службен премиер, по нивната средба во рамки на уставната процедура за формирање привремена влада.

 

По средбата, Назарјан изјави дека со Јотова се согласиле оти политичка личност, без оглед на тоа дали учествува на избори или не, секогаш се поврзува со конкретна политичка формација, што создава перцепција за недостиг на непристрасност и може да ги наруши очекувањата на гласачите за транспарентен изборен процес. Таа нагласи дека истото важи и за министерот за внатрешни работи, кој, според неа, мора да биде максимално оддалечен од политичките партии и кандидатите.

 

Назарјан и претходно јавно изјавуваше дека не би прифатила да биде службен премиер.

 

Во наредните денови се очекуваат разговори и со останатите потенцијални кандидати за раководење со службената влада.

 

Говорејќи за датумот на следните парламентарни избори, Назарјан изјави дека е јасно оти тие нема да се одржат на 29 март, туку подоцна. Таа потсети дека Уставот предвидува претседателот, по назначувањето на службен кабинет, во рок од два месеца да одреди датум за изборите.

 

Според неа, засега нема потврда дали изборите ќе се одржат на 19 април, односно по велигденските празници, додавајќи дека по завршувањето на разговорите со сите кандидати, јавноста ќе добие појасна информација од претседателката.

 

Според Уставот, Претседателот не може слободно да избере службен премиер, туку мора да го назначи од ограничен круг функционери, меѓу кои се претседателот на Парламентот, гувернерот и заменик-гувернерите на Бугарската народна банка, омбудсманот и неговиот заменик, како и претседателот и заменик-претседателите на Државниот завод за ревизија.

 

Од указот за назначување на службената влада ќе зависи и датумот на вонредните парламентарни избори.

 

Претседателството веќе испрати распоред за средби со сите потенцијални кандидати. Разговорите ќе се одвиваат во текот на целата работна недела.

 

Јотова утре ќе се сретне со гувернерот и заменик-гувернерите на Бугарската народна банка. Предвидено е во 11 часот (по локално време) да разговара со гувернерот Димитар Радев, по што ќе следат средби со заменик-гувернерите Петар Чобанов, Радослав Миленков и Андреј Ѓуров.

 

Ѓуров беше разрешен во 2024 година со одлука на централната банка поради одлука на Антикорупциската комисија за неспојивост на функциите, а случајот сè уште е предмет на постапка пред Судот на Европската Унија, што отвори дебата дали тој може да биде назначен за службен премиер.

 

За четврток се закажани средбите со омбудсманката Велислава Делчева и нејзината заменичка Марија Филипова.

 

В петок, Јотова ќе се сретне со претседателот на Државниот завод за ревизија, Димитар Главчев, кој веќе двапати беше назначуван за службен премиер, како и со неговите заменички Маргарита Николова и Силвија Кадрева. ссм/

Back to top button
Close