Меланија Трамп: Повикувам на единство

Меланија Трамп во еден од нејзините ретки јавни настапи денеска, повика на мир и единство во Минеаполис откако агенти на ICE убија двајца американски државјани.
Нејзиниот повик е најновиот обид на администрацијата да ги смири тензиите во Минесота, каде што продолжуваат немирите околу пристапот на Белата куќа кон имиграцијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го отстрани Грег Бовино, командантот на американската гранична патрола. Трамп денеска изјави дека секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, „добро си ја врши работата“ и додаде дека нема да побара од неа да поднесе оставка. Во врска со најновото смртоносно пукање во Минеаполис во кое беше убиен Алекс Прети, Трамп рече дека сака истрагата да „продолжи“, објави Ен-Би-Си Њуз. Трамп исто така изјави дека Прети „не се однесувал како убиец“ пред агентите да го застрелаат. Тој повика на „чесна и фер“ истрага
Во гостувањето во емисијата „Фокс енд Френдс“, Меланија Трамп рече: „Мора да се држиме заедно. Повикувам на единство. Знам дека мојот сопруг, претседателот, вчера имаше одличен разговор со гувернерот и градоначалникот и тие работат заедно за да се одржи сè мирно и без немири.“
„Се спротивставувам на насилството. Затоа, ве молам, ако протестираме, нека биде мирно. Треба да се обединиме во овие времиња“, рече таа.
Белата куќа е под зголемен притисок откако службениците за имиграција ги убија Алекс Прети, болничар, и Рене Никол Гуд, мајка на три деца.
Трамп одби да ги поддржи тврдењата на тврдокорните во неговата администрација дека Прети е „домашен терорист“ и презеде чекори за да ја преземе контролата врз ситуацијата со испраќање на Том Хоман, неговиот бескомпромисен „граничен цар“, да ги надгледува операциите.
Меланија Трамп во голема мера се држеше настрана, особено за време на вториот мандат на нејзиниот сопруг. Во август, таа му напиша писмо на Владимир Путин, кое Трамп го достави на самитот со рускиот лидер во Алјаска, барајќи од него да ја прекине војната во Украина за да ги заштити децата.
Потоа, таа рече дека воспоставила „отворен канал за комуникација“ со Путин, што резултираше со повторно обединување на осум деца, насилно однесени од Украина во Русија, со нивните семејства.






