Камионите се заглавени поради пропуштениот воз кон ЕУ

Штета што на политичкиот радар го имаме само случајот со камионите кои се бунтуваат против ѕидот што со новите гранични правила го дига ЕУ кон Западен Балкан. Има и безброј други случаи кога македонските граѓани трпат штети поради тоа што се државјани на земја која е надвор од европското семејство.

Македонска угледна лекарка, доктор на медицински науки и универзитетска професорка, не ја пуштаа германските гранични власти на аеродромот во Хамбург каде што била поканета на медицински конгрес. Не помогнала ниту поканата за конгресот ниту лекарскиот беџ кој нели не смее да познава граници, додека лекарката збунета го барала низ телефонот повратниот билет на кој инсистирала граничната полиција. Морав, вели, да се јавам дома да ми помогнат да го лоцирам повратниот билет и да им го покажам, инаку немаше да ме пропуштат да влезам.

Знаете ли колкаво понижување е тоа за еден граѓанин во денешна Европа и денешна Македонија, угледен професионалец кој образувал илјадници лекари од кои некои работат токму и во Германија?

Слично доживување има и дипломиран ИТ професионалец кој морал да одговара пред граничната полиција на еден европски аеродром за сите влезови и излези од европски држави кои ги имал на пасошот.

Само изминатиот викенд, осумдесетина македонски граѓани кои патуваа со автобус беа „напикани“ во тесна просторија на границата со Грција за да ги поминат новите гранични мерки. Една госпоѓа си доби и „комплимент“, „малака“ од нервозниот граничен службеник затоа што не се снаоѓаше најдобро пред камерата за фотографирање. „Малака“ значи будала, глупава.

Знаете ли какво понижување е тоа?

 

Гордост и предрасуди

Дали со „гордоста“ дома може да се компензира понижувањето што го трпат македонските граѓани на граничните премини кон земјите од ЕУ. Ние навистина станавме како протагонистите од романот „Гордост и предрасуди“.

Предлагам оние што зборуваат за вратената гордост на Македонија, да ги остават своите дипломатски пасоши и на смена да им се придружуваат на своите сограѓани на аеродромите за влез во европските држави и на лице место да се уверат колкава ни е гордоста.

Затоа и вестите за блокадите на камионџиите не го возбудуваат никого посебно. Иако сите сме свесни дека ако не успеат да ја убедат ЕУ да направи отстапки, последиците ќе ги трпиме сите.

Се чини дека дојде моментот на вистината. Моментот кога цената за останувањето на Македонија надвор од ЕУ ќ е оди нагоре а рејтингот на тие што го спречуваа и што се уште го спречуваат членството, ќе оди надолу.

Премиерот Христијан Мицкоски вели ќе разговара со Урсула фон дер Лајен на телефон. Ако ја добие. Затоа што кога таа доаѓаше во убедувачка мисија за преговарачката рамка, тој и неговата партија ја исвиркаа во парламентот.

 

Скриена вистина

Нека отидат сега властите од Скопје да им држат говори на камионџиите за копенхашките критериуми, затоа што во моментов Македонија нема никаков инструмент да влијае на одлуките и граничните правила на ЕУ. Дури и да се донесат измени, тоа нема целосно да го реши проблемот. Барањето да им се издаваат посебни визи е меч со две острици затоа што политичката одлука е само политичка одлука, а нејзината примена останува на бирократските служби на Унијата, кои се безмилосни и кои помалку ги интересира Западен Балкан од нивните политички шефови кои даваат дипломатски изјави за важноста на регионот за ЕУ.

 

Шенген виза за влез во ЕУШенген виза за влез во ЕУ

Дали со „гордоста“ дома може да се компензира понижувањето што го трпат македонските граѓани на граничните премини кон земјите од ЕУФотографија: Pond5 Images/IMAGO

Вистината која овдешната политика одбегнува да ја соопшти е дека нам повеќе ни е потребна ЕУ отколку што ние сме и потребни на ЕУ. Таа реченица менува сѐ, целата политика околу евроинтеграциите која актуелната Влада ја води на лажни основи: дека ние сме му потребни на Брисел и кај и да е ЕУ ќе се измори и ќе донесе политичка одлука да го прибере во своите редови целиот Западен Балкан.

Затоа премиерот нека погледне подобро на неговиот скап часовник колку е саатот, и дали не е време да ја ревидира својата политика кон преговарачката рамка и старт на преговорите. Доцнењето кон ЕУ ја чини Македонија скапо. За тоа доцнење се виновни помалку или повеќе сите досегашни влади. Но гревот на сегашната власт е што избра конфликтна реторика („извештајче“, „извештајот повеќе говори за нив отколку за нас“) наместо конструктивност па дури и во тоа што го кажуваат како конструктивно во основа има конфликт. Како на пример тоа дека ние ќе ги направиме реформите а останува на ЕУ дали ќе ја послуша Бугарија или ќе не прими.

Кога цехот за исклучувањето од ЕУ ќе почнат да го плаќаат граѓаните, оние што ги даваа таквите изјави од мега популарни преку ноќ ќе станат најголеми непријатели на својот народ. Бидејќи поддршката на анти ЕУ политиката што ја води оваа Влада ќе добие пеколно висока цена. (Dw)

Соња Крамарска

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close