Власта е секогаш во право

ВМРО- ДПМНЕ вели дека нема пари за зголемување на минималната плата, таа сега би била дури 700 евра, но едноставно нема, разберете и чукнете си ја главата, како не разбирате дека нема затоа што претходно краделе СДСМ и ДУИ и ја опустошиле касата.

 

Во ред, но доколку е така, според оваа логика на владејачката партија, тогаш не би имало пари ни за високите и важни министри и министерчиња, нивните заменици и заменичиња, помошници и помошничиња, пратеници, пратеничиња, раководители и началничиња на безбројните, неброените агенции, управни, надзорни одбори, директори и директорчиња, шефови и шефчиња, членови и членчиња, сета таа, како октопод распространета и разгранета армија од функционери, бирократија, чиновничка машинерија над 130.000 административци. Сите тие нѐ мелат секојдневно, нѐ цедат до последното жолто париче, ни ги одбројуваат деновите, нам, неспособните и некадарните, без основната медалја која е гаранција за живот тука.

 

Тие медалји се коваат преку партиските книшки, додека сите останати остануваат заглибени во државава, црвјосани во земјава, удавени во недодијава. Државното машинче за печатење пари не е од вчера, знае кому му ја доделува честа за напредок и бел ден да види, така мора да биде, така како што и ќе биде.

 

Затоа и прогнозите на власта и премиерот за петта економија во Европа се базираат на таа основа, можеби и прва ќе станеме, но во натпреварот на ваков нечуен и невиден напредок на бројката на партиските војници насадени и заспани низ државните канцеларии. Земјата не ги додржува, како се множат и негуваат, прваци во јадење на туѓи пари, државни, додека сѐ не експлодира.

 

И после? После сѐ од почеток, се разбира.

Back to top button
Close