Од Владата не дојдоа во ССМ за да потпишат зголемување на минималецот, Трендафилов: Приоритети се во прашање
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов објави дека утрово во 9 часот како Синдикат го чекале претставникот на Владата да дојде и да ја потпишат Спогодба за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за месец февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати се зголемуваат за најмалку 6000 денари.

„Денеска, паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати.
Но, мала криза и одма почнаа да наддаваат со зголемување на работничките плати, па така за борбата што ја водеше Синдикатот на УПОЗ скоро една година, за она што протестираа работниците во управата, она што тие од Владата одбиваа да го направат, денеска зборуваат дека ќе го прават.
Добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор“, објави Трендафилов






