Истражување: Генерацијата “Z” е помалку интелигентна од своите родители
Генерација З стана првата генерација откако се води евиденција, која е помалку интелигентна од своите родители, утврди доктор Џаред Куни Хорват, поранешен наставник кој станал невронаучник.

Тој откри дека генерацијата родена помеѓу 1997 и почетокот на 2010-тите е когнитивно заостаната поради прекумерното потпирање на дигиталната технологија во училиште.
Откако се водат евиденции за когнитивниот развој кон крајот на 19 век, генерацијата З сега е официјално првата група што некогаш постигнала пониски резултати од генерацијата пред неа, со пад во вниманието, меморијата, вештините за читање и математика, способностите за решавање проблеми и целокупниот коефициент на интелигенција.
Хорват пред Одборот на американскиот Сенат за трговија, наука и транспорт рече дека интелигенцијата на Генерацијата З опаднала и покрај тоа што овие тинејџери и млади возрасни луѓе поминуваат повеќе време во училиште отколку децата во 20 век, пишува Дејли мејл.
Причината, тврди Хорват, е директно поврзана со зголемувањето на количината на учење кое сега се спроведува со користење на она што тој го нарече „образовна технологија“ или Едтех, што вклучува компјутери и таблети. Невронаучникот објасни дека оваа генерација е заостаната бидејќи човечкиот мозок никогаш не бил програмиран да учи од кратки клипови и читање кратки реченици кои сумираат многу поголеми книги и сложени идеи.
– Повеќе од половина од времето додека тинејџерот е буден, половина од тоа се одвива гледајќи во екран, рече Хорват за Њујорк пост.
Хорват и други експерти, говорејќи пред Конгресот, објаснија дека луѓето еволуирале за најдобро да учат преку вистинска човечка интеракција, што значи лице в лице со наставниците и врсниците, а не од екраните. Тој додаде дека екраните ги нарушуваат природните биолошки процеси кои градат длабоко разбирање, паметење и фокус.
Не се работи за лоша имплементација, неадекватна обука или потреба за подобри апликации во училиштата. Научниците велат дека самата технологија не е во согласност со начинот на кој нашите мозоци природно работат, растат и ги задржуваат информациите.
Хорват, директор на ЛМЕ Глобал, група која со фирми и училишта споделува истражувања на мозокот и однесувањето, рече дека податоците јасно покажуваат дека когнитивните способности почнале да се стабилизираат, па дури и да опаѓаат околу 2010 година. Експертот им рече на сенаторите дека училиштата генерално не се промениле многу таа година и дека човечката биологија се развива премногу бавно за тоа да биде причината.
– Одговорот изгледа се алатките што ги користиме во училиштата за да го поттикнеме тоа учење, рече тој.
Хорват додаде дека САД не се единствената земја погодена од дигиталниот когнитивен пад, напоменувајќи дека неговото истражување опфатило 80 земји и покажало шестдецениски тренд на полоши резултати во учењето како што се повеќе се користи технологија во училниците. Покрај тоа, децата кои користат компјутери само пет часа дневно конкретно за своите училишни задачи постигнале значително пониски резултати од оние кои ретко или никогаш не користеле технологија во училницата.






