„Мафија во затвор“: Министерот за култура на Србија пречекан од демонстранти на судењето за случајот „Генералштаб“

Судењето на министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, обвинет за злоупотреба на службена должност и фалсификување документи, започна денеска, 4 февруари, во Специјалниот суд во Белград.

Тој пристигна во судот во придружба на адвокат.

Со свирежи и скандирања „Мафија во затвор“ и „Министри, крадци“, пред зградата беше пречекан од граѓаните кои, на покана на студентите во блокада, се собраа пред судењето, пренесува Н1.

Потоа ја блокираа улицата пред судот и го развеаја транспарентот „Сите сме сведоци“.

Селаковиќ, заедно со уште тројца претставници на државните институции, е обвинет за фалсификување документи, што овозможило комплексот на Генералштабот, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, да го изгуби статусот на заштитено културно добро.

Тоа беше првиот чекор што го презеде владата за да овозможи изградба на луксузен станбен и деловен комплекс на таа локација во центарот на Белград.

Требаше да го изгради приватната компанија „Афинити партнерс“ во сопственост на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓутоа, на 15 декември, денот кога беше поднесено обвинението против министерот за култура, фирмата на Кушнер објави дека се повлекува од проектот.

 

Back to top button
Close