Евробарометар: Граѓаните на ЕУ се загрижени и песимистички настроени, сакаат пообединета и посилна Унија

) – Граѓаните на Европската Унија се сè повеќе загрижени за безбедноста поради зголемените геополитички тензии и сакаат Унијата да дејствува обединето и амбициозно, покажува анкетата на Евробарометар објавена денеска.

Повеќето граѓани се загрижени за конфликтите во близина на ЕУ (72 проценти), проследени од тероризмот (67 проценти), кибер нападите од земји надвор од ЕУ (66), природните катастрофи влошени од климатските промени (66) и неконтролираните миграциски текови (65).

 

Распространети причини за загриженост се и ризиците поврзани со комуникацијата, како што се дезинформациите (69 проценти), говорот на омраза онлајн и офлајн (68), лажната содржина генерирана од вештачката интелигенција (68), недоволната заштита на податоците (68) и заканите за слободата на изразување (67).

Анкетата, спроведена од 6 до 30 ноември, покажа дека 89 проценти од граѓаните веруваат дека членките на ЕУ треба да бидат пообединети во соочувањето со овие глобални закани, 73 проценти дека на Унијата ѝ се потребни повеќе ресурси за решавање на глобалните предизвици, а 86 проценти сакаат ЕУ да има посилен глас на меѓународната сцена.

„Геополитичките турбуленции имаат големо влијание врз перцепцијата на Европејците, при што мнозинството (52 проценти) велат дека се песимисти за иднината на светот, 39 проценти се песимисти за иднината на ЕУ и 41 процент за иднината на нивната земја. Перспективата изгледа посветла на индивидуално ниво, при што повеќе од три четвртини од Европејците (76 проценти) велат дека се оптимисти за сопствената и иднината на своето семејство“, соопшти Европскиот парламент.

Две третини од Европејците би сакале ЕУ да игра поголема улога во нивната заштита од глобални кризи и безбедносни ризици.

За да ја зајакне својата позиција во светот, според 40 проценти од испитаниците, ЕУ првенствено треба да се фокусира на одбраната и безбедноста, 32 проценти веруваат дека фокусот треба да биде на конкурентноста, економијата и индустријата, а 29 проценти на енергетската независност.

 

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека геополитичките тензии го обликуваат секојдневното чувство за безбедност на Европејците.

„Граѓаните очекуваат ЕУ да заштитува, да биде подготвена и да дејствува заедно. Токму тоа мора да го обезбеди посилна и посамостојна Европа. Европа е нашиот најсилен штит“, рече Мецола.

Според резултатите од есенскиот Евробарометар, на домашен фронт, инфлацијата и трошоците за живот се на врвот на приоритетите со кои треба да се справи Европскиот парламент, за 41 процент од граѓаните, додека економијата и работните места се на прво место за 35 проценти од граѓаните, што е за пет процентни поени повеќе отколку во мај 2025 година.

Иако повеќето испитаници очекуваат нивниот животен стандард да остане стабилен во следните пет години, 28 проценти рекле дека сметаат дека ќе се намали, со највисоки проценти во Франција (45 проценти), Белгија и Словачка (40 проценти).

Во однос на основните вредности што најмногу сакаат Европскиот парламент да ги брани во Унијата и низ целиот свет, за мнозинството граѓани на ЕУ, мирот (52 проценти), проследен со демократијата (35), слободата на говорот (23), човековите права (22) и владеењето на правото (21) се на прво место.

Ставовите кон ЕУ и нејзините институции се сè уште позитивни, иако во мал пад во споредба со мајското истражување.

Во анкетата учествуваа повеќе од 26.000 луѓе во сите 27 земји-членки на ЕУ

Back to top button
Close