Вози Мишко – кога системот замижува, а потоа удира со пендрак
ДЕХРАН МУРАТОВ
Одредени групи од ромската етничка заедница вчера во Битола, Прилеп, Штип и Кочани (оркестрирано или спонтано) излегоа на протести и ги блокираа патиштата, при што дел од демонстрантите палеа гуми и отпад, барајќи полицијата да престане да им ги одзема возилата и да им дозволи да продолжат да возат без возачка дозвола. Како до сега. Протестите се реакција на примената на измените на Законот за прекршоци, со кои е предвидено задолжително одземање на возилата на лица затекнати како управуваат моторно возило без положен возачки испит.

Барањето на дел од Ромите да им се дозволи да возат без возачка дозвола е неприфатливо и надвор од секаков разум. Меѓутоа, сиромаштијата ги тера луѓето да бараат и вакви нелогични решенија, бидејќи тие возила им се единствено егзистенцијално средство за да го прехрануваат семејството. Не станува збор за етнички проблем, туку за класичен пример на системски пропуст кој најмногу ги удира сиромашните.
Додека ги гледав вчерашните снимки, слушнав еден граѓанин како се фали дека 30 години вози без возачка дозвола и дека нема направено ниту еден сообраќаен прекршок.
Доколку имавме нормален систем и држава, тој човек немаше да вози без возачка дозвола ниту три дена, а не, пак, 30 години, како што самиот се пофали. Оттука се наметнува прашањето – што правеле сообраќајните полицајци и како не успеале цели 30 години да го откријат тој возач? Одговорот е едноставен: или се целосно неспособни или корумпирани. Оставаме на органите во полицијата да утврдат што е точно, а во меѓувреме, наместо да санкционираат вакви несовесни возачи, тие пишувале казни на лица кои поминувале пешачки со слушалки во ушите.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски најави жесток одговор од полицијата доколку повторно се случи вакво дивеење, како вчерашното.
Јас, пак, очекував дека денес премиерот ќе свика вонреден состанок и ќе се направи некаков план како да им се излезе во пресрет на тие маргинализирани и сиромашни македонски граѓани.
Прво, секој сака да живее нормално и да не ги крши законите и правилата, како и да вози со положен возачки испит. Но, како да положи ако нема лични документи?
Второ, како да положи ако нема завршено основно образование, бидејќи за да поднесе документи за полагање, законска обврска е да приложи доказ за завршено образование. Да не зборуваме за тоа дека треба да знае да чита и пишува за да ги совлада тестовите.
И трето, многумина сакаат да положат, но немаат финансиски средства, бидејќи голем дел од овие граѓани живеат од ден за ден.
Наместо државата жестоко да ги казнува, нека им обезбеди лични документи на сите лица кои немаат лична идентификација. Потоа нека им овозможи на сите возрасни лица да завршат барем основно образование, не само формално или кампањски, преку некоја невладина организација. И на крај, нека субвенционира полагање возачки дозволи за лица кои се приматели на социјална помош, самохрани родители или лица со ниски приходи.
Со ваквата рестрикција, со цврста рака и пендрак, системот ќе ги врати коњите и магарињата на улиците, бидејќи за нив нема да биде потребна ниту возачка дозвола, ниту регистрација, а нема да ги детектира ниту системот „Безбеден град“.
Целата ситуација наликува на филмот „Ко то тамо пева“, каде што, ни криви ни должни, единствените виновници во автобусот беа двете Ромчиња. И кај нас, по сè изгледа, единствените проблематични возачи се оние „автомобили за старо купувам“, а не оние со џипови и БМВ-иња. И наместо системот да им подаде рака, државата најавува жесток одговор. Жесток одговор кон кого – кон сиромаштијата или кон оние што најлесно се казнуваат?
Па, вози Мишко!
Извор: цивилмедиа






