(ВИДЕО) Опсада кај „Охис“: Полициски конвои влегоа во фабриката по запленувањето на 5 тони марихуана

Големата полициска операција во кругот на поранешната фабрика „Охис“ продолжува со засилен интензитет. Попладнево, колона од десетина комби-возила, шест камиони и бројни полициски единици влегоа во објектот кој е под опсада уште од синоќа.

Акцијата е директно поврзана со минатонеделниот меѓународен скандал, кога српската полиција заплени пет тони марихуана. Истрагата на српските служби потврди дека огромното количество дрога потекнува од македонска територија, што ги активираше домашните безбедносни органи да ги лоцираат базите за складирање и дистрибуција.

Премиерот Мицкоски претходно денеска кажа дека граѓаните вечерва да очекуваат катастрофални вести.

„Тоа е еден озбилен случај. Тоа е еден проект кој во минатото го водеше претходната влада којшто ги доведе голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека на тој начин ќе станат милионери, дека се ќе биде поинаку, економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или пак на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека тоа што ќе го слушнат граѓаните деновиве за тоа што се случувало ќе биде навистина катастрофално и дека креаторите на ваквите политики од минатото треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто станале жртви на ваквиот начин на функционирање.

„Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка ситуација и мачна којашто се случувала. Оваа е акција која што трае, не е само од сега, само не сме можеле сега секогаш јавно и транспарентно да објавуваме бројки и податоци, но тоа што ќе го слушнат и видат овие денови граѓаните, па мислам дека вклучително уште денес ќе биде навистина нешто катастрофално и сите оние креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто за жал станале жртви на ваквиот начин на функционирање на одредени политики од минатото“, нагласи Мицкоски.

 

Back to top button
Close