Глувчешки рај

Ќе го позајмам терминот на Станковски, тако-звани Рембрант: МАУСДОНЦИ во Маусдонски рај, за опис на една опасна ситуација во која запаѓа Македонија, а која благо и делумно Сашо Ордановски ја нарекува летаргија и дезориентираност.

Имено, од 1968 до 72 Џон Калхон прави бихејвиористички експеримент во кој застрашувачки покажува како заедницата од глувци ставени во сигурни услови (глувчечки рај) на комотно битисување без директни опасности – се размножува и развива до одреден степен, кога почнува да се фрагментизира во групи на агресивци и пасивци, „летаргични и дезориентирани“ глувци и постапно исчезнува мирно до последен глушец (заедницата од првично 6 расте до 600 глувци и потоа целосно изумира).

Заклучокот на групата научници, кој тие го нарекуваат бихејвиорален колапс, е дека општество, неважно на глувци или луѓе, со базична минимална егзистенцијална основа, без директни закани, но и без било каква перспектива на развиток, социјални рољи и борба за напредок и опстанок-развој, неумитно гасне.

Вториот заклучок на научниците е дека „само егзистенција“ не е доволна. Потребна е смисла и развиток кон поставени цели на таа смисла за општеството, за да заедницата опстане конечно и да има здрав развиток.

Гаснењето на „Заедницата без смисла“ не е просто изумирање. Тука ќе позајмиме една друга теорија за нашата анализа: Имено, ова изумирање на заедниците Астон Јагер го нарекува изумирање во состојбата на <хиперполитика>.

Оваа теорија објаснува зошто во ситуација на атрофија на постоечките институции и процеси кои губат доверба во јавноста, таа јавност (за која зборува Ордановски) не е единствено и само пасивна во состојба на молк и повлекување, туку има агресивно-проективен дел. Таа се истура понадвор во просторот кој претходно го исполнувале компромитираните институции (а кои им давале вистинска моќ на групите организирани во нив како синдикати, партии, граѓански здруженија, администрација и сл.). Тоа истурање е со втомен бес, агресија и омраза по формулата на Умберто Еко: социјалните мрежи им овозможуваат некритички на сите, и оние кои се учени и имаат што да кажат, но и на мразачи-простаци, еднакво да се изразат и имаат пристап во масовни размери.

Тој процес Јагер го бележи од 70-тите години на минатиот век и резултира во појава на дезориентирана комуникација низ медиумската сфера, забрзана со новите можности на социјалните медиуми. Таа е полна со лажни морални ургентности и паранои, агресија и жолч, и неа тој ја нарекува состојба на хиперполитика: истурен неконтролиран бес, надвор од каналите на институциите и контролираната промена. Бес без посебна смисла и резултат, но недвојбено насилен и вриечки: екстремна политизација без политички резултат.

Е, драги мои, нашата споделена загриженост произлегува од фактот дека двете овие тангентални теории се пресекуваат во современите состојби на нашата Македонија или Маусдонија (Станковски).

Механизмот за тоа како пропаѓаме во мрак е, всушност, прилично едноставен и тој го опишала Хана Аренд во Извори на Тоталитаризмот пред седумдесетина години.

Не се за тоа виновни харизматичните лидери, фанатици или хулиганите од улиците. Мракот почнува кога луѓето, обичните луѓе, не разликуваат повеќе лага од вистина, факти од фикции. Кога се препуштаат на пропагандата да ги завладее. Кога почнуваат да се сомневаат во својот суд за нештата и она што можат да го посведочат со свои очи. Со мали препуштања во почетокот пред интензивната владина пропаганда и повторување на лажни вести, дезинформации, расистички и националистички провокации, со медиумско ѓубре на конспиративни теории наместо факти, со лесни одговори кои као-решаваат одеднаш се и сешто. Без критички опсервации на реалноста и избраните опции на развиток, но и причините за компликациите и кризите.

Пропагандата нема за цел да ги убеди луѓето во некоја кохерентна вистина. Таа има за јасна цел да ги изнемошти, измори луѓето, да им ја одземе силата да мислат сами со постојано агресивно повторување на лаги од авторитативно место (влада, партија, државни медиуми, мрежа од корумпирани медиуми и сл.). Не да создаде слика на стварноста како политичка понуда, туку да ја убие можноста за вистина како таква и да го направи патот до неа невозможен.

Преку поплавувањето на стварноста со лаги (Банон), контрадикции и апсурдности – луѓето можеби нема да поверуваат целосно во тие контрадикторности, туку ќе престанат да веруваат воопшто. Ќе се облеат со познатиот цинизам околу можноста за дознавање на вистината воопшто, со апатија која тој цинизам го следи. Нешто се крши внатре во луѓето, се губи капацитетот за верување и надеж и се губи мотивот за акција. Падот е во приказни кои објаснуваат сè, на нив се препуштаат и на ставот дека “сите се исти и сите лажат и крадат…”

Токму таа критичка состојба на масите – граѓанството, секоја диктатура сака да ја постигне. Тоа е политичката анаеробна состојба каде бактериите на диктатурата виреат интензивно и каде масите се манипулирани на масовно ниво. Таму слободата е потрошно добро и диктатурата почнува со предавање на умот и борбата за вистината.

Таму се условите исполнети за националните трагедии: геноцидите, етничките чистења и погроми, ишчезнување на малите нации во мелницата на историјата за станување Маусдонци наместо Македонци.

Тоа срање и се случува на Македонија во овој политички момент.

Наспроти сето тоа, да не повторуваме и ние бескрајно како нив, а во момент на очаен оптимизам и надеж ќе повикам на: мисли споро, внимателно и упорно…..не допуштај да ти влезат во глава само поради тоа што повторуваат бескрајно исти лаги…..задржи ја и негувај ја во себе надежта дури и во состојби кои наликуваат на очајни и задржи во себе благост и одважност за содружништво во отпорот и акцијата за борба за вистината. Бидете Македонци и Македонки, не Маусдонци.

Back to top button
Close