Место за сеќавање – „Колумба” во Келн, а во Скопје?
Кица Колбе
Најтажното за еден град е кога катастрофата ја предизвикува денешницата, како што е во Скопје. Затоа што одговорните во него гледаат само зделка, бизнис, можност за збогатување на најсуровиот начин.

Приказните на градовите што доживеале големи катастрофи не можат поинаку да ја раскажуваат својата историја и тоа што го изгубиле во нив, освен со внимателното, творечко и одговорно спасување на тоа што останало – урнатините. Зашто тие не се обични урантини, туку сведоштва за изминатото време на градот – пред војната и пред катастрофата.
Од друга страна, најтажното за еден град е кога катастрофата ја предизвикува денешницата, како што е во Скопје. Затоа што одговорните или немаат никаков емотивен и духовен однос со посебниот живот на градот во минатото или во него гледаат само зделка, бизнис, можност за збогатување на најсуровиот начин. Тогаш сегашноста станува „фурија на исчезнувањето”, како што филозофот Хегел еднаш ја нарече историјата. Тоа е навистина најголемата трагедија на еден град, зашто од неа не може да не‘ спаси никој. Тој што го памети Скопје од минатото, веднаш ќе забележи дека тој денес е град во кој нема архитектонски изрази на љубовта и грижата за него. Секако, не е секој обичен граѓанин одговорен за „урбицидот” на Скопје, зашто тоа што се случува со градот е злодело на тие чија професионална и политичка должност е да се грижат за него.
Што, за мене, го поврзува Скопје, градот во кој пораснав, и Келн, градот во кој живеам во Германија? Најнапред, една голема катастрофа во нивното минато која ја означи нивната нулта точка, затоа што требаше да бидат обновени со добро обмислен план. Келн беше речиси до темел уништен од бомбардирањата на крајот на Втората светска војна. Градот личеше на огромна пустина од урнатини, затоа што особено центарот на градот беше бомбардиран 262 пати, при што беа уништени речиси 95 проценти од градбите. Келн важеше како најтешко разурнат град од војната во Западна Европа. Речиси сите мостови на Рајна беа уништени, а единстевената градба која остана недопрена од бомбите беше катедралата. Околу неа, во огромен радиус, имаше само урнатини.
Скопје ја доживеа истата судбина, но со природна катастрофа, земјотресот во 1963-та. И во планините од урнатини во центарот на градот, остана како нем сведок на минатото на Скопје само уште половината од зданието на скопската железничка станица. Скопје беше прогласен за град на светската солидарност, бидејќи ОН распиша меѓународен конкурс за обнова на градот.
Несекојдневниот проект„Колумба” во Келн
Има градови, како Келн на Рајна, кои успеваат на најубавиот начин да ги сочуваат посебните „места за сеќавање”. „Живееме насекаде, но се сеќаваме само на многу посебни места”, напиша Штефан Краус во каталогот за Биеналето за архитектура во Венеција во 2002, каде што беше претставен несекојдневниот проект „Колумба” во Келн. Во оваа градба е поместен уметничкиот музеј на Келнската архиепископија, основан во 1853-та, со што е вториот најстар музеј во Келн. „Колумба” се вика овој музеј бидејќи музејската градба беше надградена врз архитектонските останки од доцноготичката црква „Св. Колумба” во Колумбаштрасе во строгиот центар на Келн. Таа во бомбардирањето на градот во 1945 од сојузничката авијација беше речиси во целост претворена во куп урнатини. Во нив, како чудесен знак, остана негибната од бомбите една статуа на Богородица, на еден столб. За таа статуа, по проектот на познатиот келнски архитект Готфрид Бем ( Gottfried Böhm) беше изградена во 1949-1950 посебна архитектонска градба, капелата „Мадона во урнатините” („Madonna in den Trümmern”). Таа ја заштитува статуата на Богородица која датира од 1460-1470-та. Оваа градба била првиот проект во 1947-та на младиот архитект, син на познатиот келнски архитект, Доминикус Бем ( Dominikus Böhm). Тоа значи, само две години по бомбардирањата, келнската Архиепископија и градот Келн се погрижија да се обнови симболот за надеж и вера на Келнјаните. Тие веќе се молеле во урнатините пред статуата на Богородица, врз единствениот сочуван столб од старата капела. Готфрид Бем градел надградувајќи и вклучувајќи ги урнатините од темелите на старата капела, па така создал едно осмоаголно здание кое по формата потсетува на шатор, кревко како секое човечко дело пред фуријата на распаѓањето, но силно во неговата духовна димензија како симбол за вера и надеж.
Таа посебна заштитна архитектонска „обвивка“ на Готфрид Бем за статуата на Богородица, подоцна ја „вгради“ во архитектонски уште пософистираното здание на „Музејот Колумба“ швајцарскиот архитект Петар Цумтор ( Peter Zumthor), кое го реализираше во 2007-та. Овој проект е архитектонски и духовен континуум, затоа што во него се спасени и сочувани повеќе пластови на сеќавање: темелите и остатоците од доцноготичката капела Св.Колумба, осмоаголната градба на Бем и надградбата за музејот на Цумтор. Во модерната фасада на музејот се „сочувани” видливи остатоците од капители од доцноготичката капела. Сите материјали се во жива симбиоза со парчињата од урнатините, во остатоците од ѕидовите на старата капела, но и во внатрешноста. Археолошките ископини се исто толку видливи и презентирани на најдобриот начин за посетителите на музејот, како што и секоја нова цигла е во колоритна и структурна симбиоза со парчињата мермер.
Во Скопје недостига архитектонски, но и естетски сензибилитет
Оваа архитектонска градба ја покажува во принципот на обликувањето силата на човечкиот творечки дух и силата на паметењето, кои всушност се тие што го спасуваат од заборав и исчезнување духот на животот на еден град, наспроти сите катастрофи. Урантините никогаш не се само шут и ѓубре што треба брзо да се отстрани по земјотресите и по војните. Тие во своите фрагменти стануваат писмо на некогашниот живот на градот. Тие ги раскажуваат на загадочен начин приказните на животите на тие кои го изгубиле животот во земјотресот и во војните. Градбата на „Колумба” во Келн е замислена како „место за размисла”, место на сеќавање. Музеј во вид на градина во која периодично се изложуваат најубавите цветови на уметноста која ја чува во себе оваа уметничка збирка на келнската архиепископија. „Колумба” му овозможува на посетителите да влезе во просторот на своите сеќавања, но и на тие на градот, од најраните векови на неговото постоење. Тоа, всушност, не‘ потсетува дека сета култура е сочувано паметење на човештвото. Во оваа музејска градба тоа паметење се препознава во внимателното, суптилно прилагодување на модерните материјали на старите фрагменти од мермер, базалт и цигла. Така архитектурата станува густо писмо на паметењето на времето за кое веруваме дека неповратно изминува. Во вакви естетски совршени градби, кои ги поставуваат во центарот шифрите на надеж, на чудо среде војната – целосно сочуваната статуа на Богородица- во срцето на новата градба, минатото и сегашноста се обединети.Дали има објект што е толку длабоко духовно, филозофски и естетски посветен на спасителната сила на уметноста пред фуријата на исчезнувањето во Скопје онака, како што оваа готска катедрала стана најсилниот симбол за обновата на Келн по неговото речиси целосно уништување? Тој архитектонски, но и естетски сензибилитет, за жал, недостига во Скопје. Зошто? Мојата интуиција е дека денешниве скопски „татковци” во политиката и одговорните личности во градската управа немаат таква љубов за градот како Келнјаните, кои го спасуваа паметењето во урнатините. Зошто? Затоа што тие не се идентификуваат самите со минатото на Скопје. Затоа што им е туѓ духот на животот и на чувството за градот на Скопјани. Овој архитектонски кич што се рашири во Скопје нема никаков сензибилитет – ниту естетски ниту емотивен, човечки. Жално е што нема „Колумба” во Скопје, иако Келн и Скопје се стари римски колонии. Во Келн, во близината на катедралата, на Музејот на римско-германската култура, се сочувани неколку стари камени блокови од римски пат. Во Скопје римскиот аквадукт полека се преобразува во урнатина. Да беше во Келн, тој ќе беше совршено заштитен и презентиран. Но, уште стои половината од скопската железничка станица. Можеби, сепак, ќе се најде политичар или влијателен архитект во Скопје, кој ќе се инспирира од „Колумба” во Келн и ќе иницира од останките на железничката станица да се направи ваков посебен „жив музеј”, место за размисла и сеќавање на Скопјани на своето Скопје пред 26 јули 1963?






