Мицкоски во одбрана на пратеничката Дафина Стојаноска: Трендафилов треба да внимава на речникот, сепак станува збор за жена и мајка

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја слушнал изјавата на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и неговото барање да се разреши пратеничката Дафина Стојаноска. Мицкоски вели дека ги видел „премногу нервозен човек и истурал навреди, но, ние сме јавни личности и сме навикнати на тоа“.
-Жално е што и други што сакаат да бидат јавни личности, не се навикнати на јавна критика. Секој оној кој што претендира да биде јавна личност, треба да биде свесен дека ќе биде подложен на јавна критика. Јас можам да кажам за мене, дека сите оние работи кои што се кажуваат како јавна критика, се невистинити, но, тоа што е. Го видов бледото оправдување за службеното возило, а уште повеќе сум загрижен од нивото на култура на еден човек кој што вчера ја испушти шансата да биде над ситуацијата. Барем речникот да му беше попристоен – сепак станува збор за жена и мајка. На видеото никој не ги покажува малолетните деца на господинот Трендафилов. Јас колку што видов многу е внимавано на тоа, но мораше господинот Трендафилов да биде покултуран со својот речник, кажа Мицкоски при поставување на камен-темелник за изградба на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош, очекувајќи лидерот на синдикалците да ѝ се извини на пратеничката која го објави видеото со малолетните деца.
Мицкоски информира дека јавноста деновиве ќе види „кои се луѓето кои што протестираат со ССМ и на кои партии припаѓаат“. Според него, улиците и булеварите се блокирани од „луѓе кои што партиски се истакнати, членови на конгреси и партиски организации“.
Ова ќе продолжи. Тие мислат дека ќе најдат прокси преку Трендафилов, којшто е влезен во една специфична состојба, кој се обидува да влезе на сцената во Македонија, а од друга страна кога е критикуван почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги. Мислат дека така ќе нанесат штета на Владата. И тоа е легитимно. Ние можеме само да се бориме против тоа и да го докажеме спротивното – вели Мицкоски.






