Градоначалникот Ќура вели дека лично ангажирал скопска приватна институција да открие зошто водата е загадена во Струга

Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал, пренесе „Сакам да кажам“.
Тој изјави дека општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и за употреба.
Ќура вели дека сите надлежни институции се вклучени и изрази надеж дека за неколку дена ќе се воспостави нормално водоснабдување.
Градоначалникот упати критики до поранешното раководство на Општината и надлежните служби, посочувајќи дека проблемот е резултат на, како што тврди, лошо управување и ненавремено реагирање во минатото.
Според него, можно е загадувањето да е поврзано со интервенции во заштитната зона на извориштето или со природни појави, но точните причини ќе се утврдат по завршувањето на стручните испитувања.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет за да се утврдат причините за загадувањето и евентуалната кривична одговорност за нарушување на животната средина. По наредба на обвинителството, ќе се изврши увид на локацијата на извориштата, со присуство на полицијата и надлежни инспекциски служби.
Одговорност во јавното претпријатие „Водовод“ веќе беше преземена, откако директорот Меџијаит Јусуфоски поднесе оставка, додека забраната за користење на водата во Струга останува на сила.






