ВИДЕО: Поплави во Кичево, општината организира времено сместување на поплавените
Поради лошите временски услови и интензивните врнежи, повторно настанаа поплави во неурбанизираната населба кај ул. „Прилепска“. Според првичните информации, погодени се околу 200 жители/лица, соопшти Општина Кичево преку Фејсбук.

-Лицата кои имаат потреба од времено згрижување ќе бидат сместени во спортската сала во Иванидол. На терен се екипите на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијална противпожарна единица – Кичево, кои интервенираат согласно приоритетите и потребите на граѓаните. Свикан е Кризен штаб, кој континуирано ја следи состојбата и ги координира сите активности за помош и заштита, нагласува Општината.
Општинските власти упатија апелира за смиреност, трпение и внимателност.
-Општина Кичево ќе го даде максимумот со сите расположливи ресурси за брза реакција и поддршка на засегнатите граѓани. Избегнувајте движење низ поплавени улици и подрумски простории. Доколку има ризик, исклучете електрична енергија во домовите, препорачува Општина Кичево во апелот до своите граѓани.
На социјалните мрежи се појавија и видеа од алармантната состојба со поплавите во Кичево кои настанаа поради обилните врнежи од дожд кои започнаа вчера
Десетици домови и возила се под вода во Кичево по обилните врнежи што предизвикаа излевање на Зајаска река, а улиците во повеќе делови од градот се целосно поплавени. Жителите се обидуваат да спасат дел од покуќнината, додека водата навлегува во нивните куќи.
Најкритична е состојбата во населбата Подварош, каде граѓаните со сопствени пумпи, но и со помош на противпожарните екипи, ја испумпуваат водата од своите домови. Дел од улиците се непроодни, а оштетени се и паркирани возила.






