(ВИДЕО) Сарај поплавен, со булдожери се чистат каналите

Со механизација се чистат поплавените објекти и канали во општина Сарај, каде поради поројните дождови се поплавени делови од селата Буковиќ и Семениште.

 

По пријавите за поплавени куќи, Центарот за управување со кризи веднаш ги активирал сите надлежни служби и обезбедил целосна координација на терен.

Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје ја стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекцијата за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури.

Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира.

Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа, и Зекерија Бериша, се на терен во општина Сарај, поточно кај селата Буковиќ и Семениште, каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.

– Како резултат на обилните врнежи и состојбата настаната во некои од населените места во нашата општина, нашите екипи се на терен од раните утрински часови. Се работи деблокирање на патиштата, чистење на каналите и обезбедување помош таму каде што е потребно. Во постојана комуникација сме со сите надлежни институции за да одговориме што е можно побрзо и поефикасно – објави градоначалникот на Сарај, Мухамет Елмази.


Тој апелираше до граѓаните за дополнителна внимателност, избегнување на загрозените подрачја и контакт со соодветните служби за каква било итна состојба.

 

Back to top button
Close