Стручен тим од Градежниот факултет ќе врши анализа на водоснабдителниот систем во Струга
Стручен тим од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе ги утврдува причините што довеле до заматување на водата на изворот Шум, од каде што Струга и околните села се снабдуваат со вода за пиење.

Општинската прес-служба денеска соопшти дека Факултетот го прифатил барањето поднесено од Општина Струга и оти ќе испрати тим на терен за увид на водоснабдителниот систем.
– Во согласност со доставениот одговор деканот формира стручен тим составен од тројца професори, кои ќе извршат детаљна проверка на клучните елементи на системот, меѓу кои: изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, МХЕ-локациите и хлорната станица – стои во информацијата.
По извршениот увид, треба да биде изготвен извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на состојбата.
– Општина Струга пристапува системски и транспарентно кон решавање на проблемот, со вклучување на највисоката академска и стручна институција од областа на водоснабдувањето – посочува општинската-прес-служба.
Покрај мислењето од Градежниот факултет во Скопје, градоначалникот Менди Ќура најави дека приватна институција ќе ги утврдува причините што довеле до високо ниво на заматување на изворите на Шум.
Водата од струшкиот водовод десетина дена е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност на изворот Шум и на сите мерни места во градот. Првите мостри земени од изворот Шум на 9 февруари покажале 28,56 матност од дозволената 1,5 матност.
Основното јавно обвинителство Струга за случајот оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основните животни потреби.






