Одблокирани улиците околу најважните државни институции на Црна Гора

Сите улици во Подгорица од утрово се деблокирани и сообраќајот се одвива непречено, изјави портпаролката на полициската управа, Марија Жугиќ.

Според неа, улиците биле блокирани поради синоќешните поголеми собири на граѓани во градот.

Таа додаде дека не знае дали и понатаму ќе се блокираат улици, и додаде дека јавноста ќе биде навремено информирана, пренесува весникот „Вијести“.

Жугиќ изјави дека за време на денот на изборите биле евидентирани 22 инциденти и оти полицијата поднела една кривична пријава и две прекршочни пријави.

Црногорската полиција од синоќа го блокираше кругот околу најважните државни институции – Владата на Црна Гора, Парламентот, Претседателството.

Во Црна Гора вчера се одржаа парламентарни избори кои беа единаесетти по воведувањето на повеќепартискиот систем во земјата и петти по прогласувањето на независност.

Државната изборна комисија на Црна Гора (ДИК) утрово објави прелиминарни резултати врз основа на 98,55 од обработениот примерок, според кои Демократската партија на социјалистите освои 35,12, а коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 32,52 проценти од гласовите.

Коалицијата „Мирот е наша нација“ освои 12,55 проценти, „Црно на бело“ 5,57, Социјалдемократите 4,09, Бошњачката партија 3,81, СДП – Силна Црна Гора 3,14, Албанската листа 1,61 и Албанската коалиција Едногласно 1,16 проценти.

Хрватската граѓанска иницијатива освоила 0,27 проценти, а Хрватската реформска партија 0,13 проценти од гласовите и според овие резултати на ДИК, тие не го поминаа цензусот.

Гласале 76,68 проценти од регистрираните избирачи, од кои 403.642 се важечки гласачки ливчиња.

Парламентарните избори ги следеа 2.089 набљудувачи, од кои 265 странски.

Back to top button
Close