Работниците во Аргентина организираа генерален штрајк против трудовите реформи на Милеј


Синдикатите во Аргентина денеска организираа генерален штрајк во знак на протест против предложените реформи на пазарот на труд од страна на либертаријанскиот претседател Хавиер Милеј.

Железничкиот сообраќај и метро услугите беа во прекин, додека националниот авиопревозник „Aerolíneas Argentinas“ откажа 255 летови. Банките останаа затворени, а голем број работници во јавниот сектор и малопродажбата престанаа со работа, пренесе ДПА.

Пратениците во долниот дом на парламентот денеска требаше да дебатираат за реформите. Нацрт-законот вклучува подолго максимално дневно работно време, намалени отпремнини при отпуштање и ограничувања на правото на штрајк во одредени сектори.

Владата тврди дека ремонт на системот е неопходен за либерализација на пазарот на труд и привлекување повеќе странски инвестиции. Синдикатите, пак, велат дека овие мерки ќе ги нарушат работничките права.

Откако стапи на функцијата, Милеј, кој самиот се опишува како анархо-капиталист, наметна радикална програма за реформи во втората по големина економија во Јужна Америка. Тој ги скрати субвенциите за гас, електрична енергија и јавен превоз, отпушти илјадници државни службеници и ги запре јавните инфраструктурни проекти.

Овие мерки помогнаа во балансирање на државниот буџет и значително ја намалија инфлацијата. Сепак, економската активност останува слаба. Производството е во пад во многу сектори, а бројни мали и средни претпријатија се затворени.

Околу 40 проценти од работната сила е вработена неформално, не плаќајќи ниту даноци, ниту придонеси за социјално осигурување.

Back to top button
Close