Обвинителството на МКС: Дутерте клучен во убиството на илјадници луѓе

Обвинителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска побараа потврдување на обвинението против поранешниот претседател на Филипини, Родриго Дутерте, за да може да почне неговото судење.
– Така наречената војна против дрогата на Дутерте резултираше со убиства на илјадници цивли, а многу од жртвите беа деца – изјави обвинителот Маме Нианг на рочиштето за потврдување на обвинението.
Според правилата на МКС, судиите мора да го потврдат обвинението пред судскиот процес.
Според обвинителите, Дутерте создал, финансирал и вооружувал ескадрони на смртта кои убивале наводни продавачи и корисници на наркотици.
– Дутерте одиграл клучна улога во извршувањето на кривичните обвиненија. Неговиот придонес бил клучен бидејќи бил во самиот центар на планот за неутрализирање на наводните криминалци, вклучувајќи ги и убиствата, посочи Нианг.
Дутерте беше претседател на Филипините од 2016 до 2022 година, а беше уапсен и однесен во Хаг во март минатата година.
По завршувањето на сослушувањата в петок, судиите ќе имаат до 60 дена да одлучат дали има доволно докази за да се оди на судење.






