Фицо не ја исклучува можноста за укинување на гласањето по пошта за Словаците кои живеат во странство

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо денеска изјави дека не ја исклучува можноста за укинување на гласањето преку пошта на Словаците кои живеат во странство на парламентарните избори.
Тој истакна дека владата не подготвува таков предлог, но оти тоа е добра идеја доколку ја поднесат пратениците.
– Владата не подготвува таков предлог, но тоа не значи дека пратениците на коалицијата не го дискутираат тоа – наведе Фицо, додавајќи оти гласањето по пошта може да биде предмет на манипулација.
Тој истакна дека е убеден оти парламентарните избори во 2023 година биле под влијание од странство, тврдејќи дека, според него, британската дипломатија обезбедила средства за влијание врз исходот од изборите.
– Очигледно е дека Западот интервенираше на изборите во 2023 година на штета на тогашните опозициски партии. Наша должност е да гарантираме дека изборите се демократски и тајни, како што треба да бидат. Ќе направиме сè за да спречиме измама – потенцира Фицо.
Според него на словачките државјани наместо по пошта треба да им се овозможи да гласаат во амбасадите и на други места во странство.
Опозициската партија Прогресивна Словачка (ПС) вчера изрази загриженост за можните измени на правилата за гласање во странство на парламентарните избори. ПС оцени дека тоа е обид за ограничување на правото на глас и ги повика премиерот и владата да не спроведуваат такви измени на законот.






