Откажан Светскиот куп во скокови во вода во Мексико

Светскиот куп во скокови во вода, што требаше да се одржи од 5 до 8 март во градот Запопан, во мексиканската сојузна држава Халиско, е откажан поради безбедносната состојба во земјата, објави денеска Меѓународната федерација на водни спортови (World Aquatics).
„Оваа одлука следи по ограничувањата за патување издадени од некои меѓународни амбасади и по целокупната проценка на предупредувањата за патување во Мексико. Безбедноста и учеството на сите спортисти остануваат фундаментален приоритет за World Aquatics“, соопшти организацијата.
Натпреварувањето требаше да се одржи во Запопан, во државата Халиско, каде што насилството се прошири по неодамнешното убиство на озлогласениот нарко-бос Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо.
По убиството на шефот на картелот Халиско Нова Генерација (CJNG), членовите на картелот запалија автомобили и блокираа патишта во речиси десетина мексикански држави, а властите пријавија најмалку 70 мртви.
CJNG се смета за најмоќен и најнасилен картел во Мексико, а неговиот центар е во државата Халиско.






