ДОСТОИНСТВЕНО ПРОТИВ ГОВЕДАТА
Не радувајте се премногу за ЕУ, веќе идната недела ќе имаме нов муабет за забава.
На некого да му раскажуваш, нема да ти верува. Не само што 15 години државата брка крави низ Крива Паланка и околните села, ниви и шуми, туку не може ни да ги фати. Па уште, некои од кравите преминале во Бугарија. Полицијата дрон кревала да ги најде. И ете, еден сериозен домашен проблем стана меѓународен. Кравите ја пробија шенгенската бариера и новиот систем за влез-излез, па не можат да ги евидентираат дали го пречекориле 90-дневниот престој за 180 дена во ЕУ, како нас, луѓето што нѐ евидентираат.
Жителите на кои стадото крави 15 години им ги уништува посевите и дворовите протестираа пред Општина Крива Паланка. Општината објави соопштение дека протестот, на кој се придружил и градоначалникот Сашко Митовски, поминал во „мирна и достоинствена атмосфера“. Значи, немало судир меѓу засегнатите страни.
Жителите си имаат животен проблем. Од државата бараат да им овозможи мирно да си ја обработуваат својата земја, да го заштитат сопствениот имот и достоинствено да живеат од својот труд. И пред сѐ, државата да воспостави ред и одговорост. Премногу ли бараат?
А државата? Државата не може да се справи со стадо крави. А камоли со говеда.
2Со себап, кога власта ќе го реши проблемот со говедата, ќе се сконцентрира и на менување на устројството на Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски почна да зборува дека е можно да влеземе во ЕУ во 2027 година, заедно со Украина, Црна Гора и Албанија, ама без право на глас. Демек, да нѐ примат набрзина во некој мировен пакет, па после да ги правиме реформите. Тоа најсериозно ни го кажува во јавни настапи.
Прво, основачките документи на Европската Унија не предвиделе таков вид членство без право на глас.
Второ, за да се сменат тие документи потребно е да бидат изгласани едногласно, со консензус на сите 27 земји членки на ЕУ, значи вклучително и на Бугарија.
И тука се затвора кругот. И за полноправно членство и за какво било членство во ЕУ.
Мицкоски вели дека тие „како одговорни политичари мораат сѐ што ќе слушнат на релевантни места од релевантни луѓе да го антиципираат, да го процесираат и да креираат стратегија“.
Значи, муабетов е, што би било кога би било. Досега не успеа „преку пркос да ја покаже вистинската вистина за Македонија насекаде низ светот“ како што зборуваше на почеток на мандатот, па уште не ги убедил пријателите од ЕУ да го сменат францускиот предлог. Ни тоа што сме во периметарот на Трамп не ни помогна. Нѐ остави најсилниот стратешки пријател и без амбасадор во Скопје да нѐ контролира што правиме. А и креативните решенија во дипломатијата, за кои уште зборува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, не дадоа резултат. Па Мицкоски или решил да го подготвува гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ дека кај и да е, ќе мора да направи уставни измени со кои ќе ги внесе Бугарите во Преамбулата за да почнат преговорите со ЕУ. Или, едноставно, како и досега, си купува време. Па така, на сите ни го губи времето.
Не радувајте се предвреме и премногу. Без возбуда. Никој не знае кога ќе заврши војната во Украина.
А премиерот секако идната недела ќе ни смисли нов муабет за забава.
И ако веќе зборуваме за одговорни политичари кои ги антиципираат и процесираат дури и гласините во Брисел и врз основа на тоа прават стратегија, прашањето е едноставно: Сакаат ли тие што сега се на власт, изгласани со огромно мнозинство гласови, да влеземе во ЕУ или не сакаат? Нема погрешен одговор. Да, или не? Ако не сакаат – што ќе правиме? Објаснување за тоа им должат на своите гласачи, пред сѐ.
И – тука да го завршиме муабетот.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






