„Мицкоски против земјоделците – пак го спаси Трипуновски од одговорност“, велат од СДСМ

СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски повторно застанал во одбрана на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, откако пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието гласаа против интерпелацијата за негова одговорност.

Од опозициската партија велат дека со ваквиот потег Владата им свртела грб на македонските земјоделци, кои, според нив, со месеци барале оставка од министерот поради состојбите во секторот.

„По директен налог на Мицкоски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство гласаа против интерпелацијата за Трипуновски. Со тоа уште еднаш застанаа против илјадниците земјоделци низ државата“, наведуваат од СДСМ.

Партијата обвинува дека земјоделството е доведено во тешка состојба, посочувајќи дека се намалени субвенциите, доцни нивната исплата, а дел од мерките за поддршка на земјоделците се укинати.

Според СДСМ, намалена е поддршката за тутунопроизводителите, оризопроизводителите, лозарите и сточарите, додека откупните цени остануваат ниски, а производствените трошоци постојано растат.

„Сточарството е доведено на раб на колапс, бројот на грла се намалува, а сточарите секојдневно реагираат на намалените откупни цени на млекото. Во време кога цените во маркетите растат, откупната цена се намалува. Прашањето е каде завршува разликата“, наведуваат од партијата.

СДСМ тврди дека падот на откупот од малите земјоделци е дополнителен показател за, како што велат, колапсот на земјоделското производство и пласманот.

Во соопштението се споменуваат и наводни корупциски скандали поврзани со ресорот, при што од партијата порачуваат дека Трипуновски останува на функцијата единствено поради политичката поддршка што ја има од премиерот.

„Прво го спасија од корупциски скандали, а потоа и од политичка одговорност. Вистината не може да се сокрие“, порачуваат од СДСМ.

Back to top button
Close