Се разгледува можноста за евакуација на македонските граѓани од ОАЕ копнено преку Саудиска Арабија

Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби соопшти дека се разгледува можноста за репатријација и евакуација на нашите граѓани од Обединетите Арапски Емирати преку Кралството Саудиска Арабија. Како што се наведува во објавата на социјалните мрежи, репатријацијата и евакуацијата на нашите граѓани, кои се затекнати во ОАЕ, ќе се одвива преку копнената граница кон Кралството Саудиска Арабија и од таму со авиони што полетуваат од нивна територија.

– Транспортот од Обединетите Арапски Емирати до Кралството Саудиска Арабија би се одвивал по копнен пат со автобуси и тој би траел од 13 до 15 часа. Преку формално барање/нота од Амбасадата и МНР врз основа на доставен список, властите на Саудиска Арабија би издале хуманитарни визи за македонските граѓани на самиот граничен премин – се наведува во информацијата.

Македонските граѓани, кои се заинтересирани за оваа можност, треба да се пријават на дежурниот број на Амбасадата +971 56 441 7532, како и на имејл-адресата: [email protected].

Министерството за надворешни работи пред два дена ги објави телефоните за помош за нашите граѓани на Блискиот Исток.

 

Back to top button
Close