МВР има снимка каде сопругот ја удира жената истиот ден кога таа загина по падот од балконот, вели Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека во случајот со трагедијата во Карпош, каде жена и дете беа пронајдени мртви по пад од балкон, ќе се утврдуваат сите околности поврзани со претходните пријави за семејно насилство, вклучително и дали изјавите на жртвата биле дадени под притисок.

„МВР има видео запис каде се гледа како сторителот, сопругот, ја удира жртвата. Тоа се случило истиот ден“, вели Тошковски.

Тошковски посочи дека според службените белешки, на денот на настанот жената потпишала изјава со која се откажува од пријавата, наведувајќи дека немало физички контакт, туку недоразбирање со сопругот и дека не бара понатамошна полициска постапка. Таа, според документот, навела дека не сака настанот да се третира како семејно насилство и дека брачните односи ќе ги решава по мирен пат и преку развод објави Скопје1.






