Криминалец и нарко дилер со 10 кривични пријави – профилот на сопругот на жената која се самоуби во Карпош

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска на прес-конференција соопшти дека трагичниот настан во Карпош се случил по пад од балкон, при што животот го загубија жена и малолетно дете.

Пријавата за настанот била примена од случаен минувач, а на улицата „Теодосиј Гологанов“ веднаш интервенирале полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош, при што била констатирана смрт и кај жената и кај детето.

СВР Скопје изврши увид, а телата се предадени на обдукција. Од местото на настанот биле подигнати материјални траги и мобилен телефон.

Тошковски изјави дека истиот ден претходно била пријавена расправија меѓу сопружниците, при што полицијата интервенирала и разговарала со жената. Таа изјавила дека немало физички контакт и дека се работело за недоразбирање, потпишувајќи службена белешка. По ова, како што кажа, жената се упатила кон станот каде подоцна се случи трагичниот исход.

Сопругот – Стојанче Јовановски е уапсен поради сомневање за сторено кривично дело.

Според Тошковски, во изминатите две години против него биле поднесени десет кривични пријави за имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. При една од постапките биле пронајдени 20 паковки со наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него биле изречени мерки на претпазливост.

Во 2025 и 2026 година полицијата постапувала и по други пријави за нарушени брачни односи, но, како што кажа министерот, оштетената се повлекувала од поднесените пријави.

Back to top button
Close