Белчева: Самоубиството можеше да биде спречено
Ивана Белчева долгогодишен активист во борбата против физичко и психичко семејно насилство во изјава за Рацин.мк опиша грозоморна ситуација на која била сведок во која сега веќе починатата млада жена и нејзината ќерка биле жртви на јавно насилство среде бел ден во 13 часот на 19.12.2025г во населбата Ѓорче Петров. Белчева вели:

„Со сопругот излеговме од супермаркетот Тинекс, и начекавме неверојатна ситуација во која сопругот ја тепаше својата сопруга во присуство на љубовницата. Додека детето вриштеше и бараше помош.
Единствено што можев да направам е веднаш да се јавам во полиција и тоа да ургирам по пријатели кои ги познавам, оти не бев сигурна дека нема да дојдат и да ги барам социјалните служби“.
Малото девојче се тресеше и ја држев во прегратки додека траеше физичката пресметка. Како долгогодишна жртва на семејно насилство, во едно сум сигурна, ако социјалните служби реагираа и ако има систем во оваа држава, девојчето и мајката можеби ќе беа денес живи и здрави! додава Белчева.
Грозоморниот настан кој вчера ја потресе целата држава со самоубиството предизвикано од долгогодишно психичко и физичко насилство врз млада жена и нејзиното дете, уште еднаш ги отвора дилемите, каде точно оди оваа држава!? Во потрага по одговори редакцијата на Рацин.мк интензивно разговара и со актери кои биле директно вклучени во самата ситуација но и со луѓе кои даваат јасна слика колку се нефункционални службите почнувајќи од МВР и социјалните служби и кој се таму работи и со што се занимаваат. Во следните денови редакцијата на Рацин.мк интензивно ќе се занимава со овој и останатите случаи.
Во прилог на овој натпис правиме и реобјава на нејзиниот натпис за медиумот медуза.мк со наслов: Овој пат не сум сама, во кој ги дава конкретните чекори на некој што иако со лузни преживеал семејно насилство како да се постапува во вакви ситуации, со надеж дека ќе им помогне на сите жртви на семејно насилство.
Манифест за пријава на психичко семејно насилство
Oвојпат не сум сама.
Пишува: Ивана Белчева
Го започнувам ова поглавје пред вас, сега, бидејќи мојата вистината мора да биде слушната. Се јавувам како жртва на психичко семејно насилство (ПСН), од мојот родител, кој за жал успеваше да ја прикрие својата форма 40 години. Долги години само бегав. Моето решение беше бегството, каде ја собирав силата за повторно да се вратам на борбата која ми претстои.
Психичкото семејно насилство е реален проблем, тешко се препознава и уште потешко се прифаќа, дури и од самите жтрви. Да изговорите сами пред себе дека сте жртва, личи како се откажувате од борбата. Но, верувајте ми, тогаш почнува вистинската борба, онаа со себе, од која мора да излезете како победничка.
Со години живеев со родител кој во секој момент можеше да ми го одземе тлото под нозете. Мислев дека кај сите е исто, додека не почна стресот да се одразува на моето здравје и тоа со појава на тумори, за среќа бенигни, на тироидната жлезда и на бубрегот. Носејќи се со уште еден стрес за своето здравје, во раце ми падна „Законот за семејно насилство“ и читајќи го се препознав, за жал, во делот на жртва. Немирот продолжи, нападите од татко ми исто така: закани, навреди, и манипулации кои се сѐ почести, и по којзнае кој пат повторно се повлекувам и оставам сѐ. Но овојпат не сум сама, на некое осамено место далеку од очите на јавноста. Сега имам ќерка и сопруг кои пред своите очи го гледаат мојот распад. Морам да се соземам, но, како? Каде има правилник за што доаѓа следно?
Ова е патот кој го изодев јас. Прво, знаев дека треба да побарам професионална помош.
1. Разговор.мк
Разговор.мк е платформа каде анонимно го пишувате вашиот проблем, на што ви одговараат повеќе психолози, го бирате оној кој најмогу ви помогнал со самиот одговор. Еден од психолозите го увиде проблемот и за првпат ми беше објаснета постапката: Случајот се пријавува во социјална служба, каде се прави евалуација на двете страни и се преземаат понатамошни мерки за заштита на жртвата. Но, кои докази ги имај јас? Тука е мојот збор против неговиот. Јас, скршена, на секој збор паѓа по една солза, како jас ќе одам во ваква состојба низ целиот судски процес? Потребни се докази. Доказите се извештаи од стручни лица.
2. Посета на матичен лекар
Случајот се пријавува кај матичен лекар, за да ви закаже сесија со психолог и психијатар. Психологот ја слуша вашата страна. За првпат пред некој непознат ја кажувате приказната, тоа боли и е тешко. 40 годишна жена што се крши од својот родител, кој цел живот вршел закани, сега е исплашена за исходот од целата ситуација, зашто мисли дека повторно ќе победат врските и познанствата. По констатирана траума, страв и стрес, психологот ми дава понатамошни упатства, односно стручна помош и поддршка во прв семеен сентар ХЕРА. Се посетува психихијатар, кој прави евалуација на вашата состојба и ви дава извештај. Воедно психијатарот закажува психолошки тест на личноста за да се докаже здравата психичката состојба на жртвата.
3. Консултација со инспектор за семејно насилство, во полициска станица.
Главен проблем во докажувањето на ПСН е недостаток на докази, па затоа доколку случајот го пријавите во полиција како активен и одење на суд, нема прекинување на постапката. Затоа предходно постои поплака што значи дека мора најмалку еднаш сторителот да биде пријавен за тоа и информиран дека неговите постапки се противзаконски. Судската постапка само по себе е тешка, не ја почнувајте додека не се консолидирате сами со себе.
4. Започнување на интензивирани сесии во Прв семеен центар – ХЕРА.
ХЕРА е здружение на граѓани, како лиценциран давател на психо-социјална поддршка, советување и правна поддршка во семејства каде постојат конфликтни односи и семејно насилтво. Целата ваша документација е анонимна, сѐ до моментот кога случајот е пријавен од ваша страна во Центарот за социјална работа, каде тие упатуваат решение до ХЕРА, а вашата документација станува легален документ пред судот. ХЕРА е место со загарантирана дискреција и вашиот случај може да го активирате само вие, за што потпишувате информативна согласност.
5. Пријава
По собирање на сите извештаи, случајот се пријавува во полициска станица, се прави поплака и сторителот е известен во иднина да не ги повторува своите дела и е информиран дека во иднина доколку го повтори делото и е пријавен, се постапува по Кривичниот законик.
Уште една работа мора да бидеме свесни, сторителите на делата се луѓе заробени во своите светови, стравови и омраза, тие не се родени „лоши“, веројатно и самите имале тешко детство, страдале и трпеле насилство, други се со умисла и пресметливи и имаат психопатска структура и отсуство на емпатија, но на ниедна група делата не се опрадуваат. Сторителите во себе носат трауми и не знаејќи да ги препознаат своите чувства и емоции се претвораат во демони на модерниот свет. Тие викаат, навредуваат, кршат и омаложуваат, вашата вредност е секогаш различна пред нив. Но, сето тоа е нивна битка, овде зборуваме за вашата, вие сте тие кое се заробени во вашиот страв. Заедно ќе го подигнеме овој систем и ќе ги заштитиме нашите деца од наследените трауми.
Процесот не е лесен, повторувајќи ги сите неправди одново и одново пред различни луѓе, ја разголува вашата душа. Се кршите секој пат кога ќе ја раскажете вашата страна. Процесот е проследен со анксиозност и депресија, се препорачуваат и антидепресиви, но во мојот случај јас не земав ништо, сакав да ги поминам сите чувства будна, вистински онакви какви што се, болни, тажни и несреќни. Но, тука сум да ви кажам дека има светло на крајот на тунелот, а институциите сѐ повеќе се будат за постоењето на овие форми на насилство. Веќе не сте сами!
Како да препознаете дека сте жртва на семејно насилство од вашите партнери, родители или роднини?
Ве навредуваат и постојано ве критикуваат
Принудно сте изолирани од своите блиски, семејството и пријателите
Постојано го контролираат вашето однесување и движење
Ве заплашуваат и ви се закануваат дека ќе ве повредат вас или вашите најблиски
Ве обвинуваат дека го предизвикувате насилството
Ве удираат со раце . нозе или предмети
Ве удираат со шлаканици, ве кубат или гребат
Ве дават или штипат
Ви забрануваат да се вработите или да работите
Ви ги земаат парите што ги заработуваат и ги користат за свои потреби
Не ви даваат информации за семејните приходи
Ги уништуваат вашите лични предмети
Ви го одземаат телефонот или ви ги проверуваат пораките
Ве присилуваат на секс против ваша волја
*Ако одговоривте со да барем на една изјава, тогаш сте жртва на насилство предизвикана од вашиот сопруг или партнер.






