ПЕТРОВСКА ГИ ПРОЗИВА „УБИЈЦИТЕ“ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ: „Доста се криете зад системот, одговорноста има име и презиме!“
„Вчерашниот настан не е самоубиство, туку убиство извршено од инспектори кои чекале амин од шефот наместо да спасат дете“ – Пратеничката на СДСМ бара кривична одговорност за вработените во МВР и Социјалното кои давале изговори наместо заштита.

Трагедијата во која згаснаа два животи во скопската населба Карпош ја зовре политичката и граѓанската јавност. Пратеничката од редовите на СДСМ и поранешна министерка, Славјанка Петровска, упати досега најжестока и најдиректна критика до надлежните служби, порачувајќи дека времето на криење зад „нефункционирањето на системот“ е завршено.
За Петровска, смртта на мајката Ивана и нејзината 6-годишна ќерка Катја е јасна квалификација за убиство, а виновниците ги гледа во ходниците на институциите.
„Убијци се со име и презиме инспекторите и вработените во МВР и центарот за социјални работи кои требале да го прашаат шефот, чекале да се јави некој дали жената е наша, чија е… тие наместо одговори и заштита, давале изговори“, децидна е Петровска во својата јавна објава.
Таа нагласува дека секое кревање раменици на бирократите во минатото довело до долга листа на жртви – од Фросина на „Партизанска“, преку Росица од Велес, па се до денешната трагедија. Според неа, институциите не смеат повеќе да се третираат како безлични објекти, туку како збир на поединци кои за своите пропусти мора да сносат кривична одговорност.
„Вашите изговори го убија малото девојче. Убија многумина млади деца, мајки, жени. До кога?“, прашува пратеничката, инсистирајќи на тоа дека морална одговорност веќе не е доволна.
Реакцијата на Петровска доаѓа по низата информации дека семејството со години пријавувало насилство, а последната полициска интервенција била извршена само два часа пред кобниот пад. Обвинувањата дека службениците тактизирале со заштитата врз основа на партиска или друга припадност („чија е жената“) фрлаат тешка сенка врз работата на МВР и Министерството за социјална политика.
Додека Обвинителството врши претреси и распити, пораката на Петровска резонира кај граѓаните кои бараат чистка во институциите. Дали овојпат правдата навистина ќе добие „име и презиме“, или случајот ќе заврши во фиоките на „ненадлежноста“, останува главното прашање кое ја мачи македонската јавност






